Шо укинување на поместувањето часовникот?

БРИСЕЛ – За многу од државите на ЕУ, 2019-та е прерано за да се укине поместувањето на стрелките на часовникот, изјави австрискиот министер за сообраќај – Норберт Хофер.

Хофер смета дека е неопходно да се најде компромис со мнозинството земји, бидејќи многу од членките на Унијата се резервирани кога се работи за промена на системот на сметање на времето, но и околу тоа кога тоа би се спровело.

Планот за укинување на зимското и летното сметање на времето, т.е. поместувањето на стрелките на часовникот два пати годишно, беше претставен минатиот месец од претседателот на Европската комисија – Жан Клод Јункер. Сега дискусијата повторно се развива поради скептицизмот дека тоа ќе се спроведе до 2019-та, како што предложи ЕК.

Предлогот следеше откако милиони луѓе одговорија на анкетата и побараа да се укине децениската пракса на поместување на часовникот. Истражувањата, од друга страна, покажуваат дека истата има низа негативни ефекти врз луѓето и животните, а дека притоа не се постигнува основата цел – штедење на енергија.

Што се однесува до Австрија, Хофер потврдува дека земјата е ЗА укинување, но потенцира дека постојат низа прашања и проблеми кои претходно треба да бидат решени. Еден од нив е проблемот со авиоиндустријата, го пренесува Хофер ставот на една од земјите членки, на која ќе ѝ бидат потребни 18 месеци за да се подготви за укинувањето на сегашниот систем на сметање на времето.

И данскиот министер за сообраќај – Оле Бирк Олесен, е скептичен дека тоа ќе се случи до 2019-та. Тој изјави дека за таква одлука претходно е неопходно да има опширна јавна дебата, а таква во Данска сé уште не е одржана. Не е реално поместувањето на стрелките да се укине до 2019-та, заклучува тој.

- Реклама -