Украина бара исклучување на Русија од ОН: „Три децении Москва незаконски е дел од ОН и Советот за безбедност“

Десет месеци по почетокот на инвазијата, Украина денеска, како што беше и најавено, побара Русија, „откако ќе биде поразена во војната“, да биде исклучена од Обединетите нации.

„Украина ги повика земјите-членки на ОН да ја лишат Руската Федерација од нејзиниот статус на постојана членка на Советот за безбедност на ОН и целосно да ја исклучат од ОН“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Русија незаконски го држи седиштето на Советскиот Сојуз во Советот за безбедност на ОН од 1991 година и неговото распаѓање во 15 нови земји, тврди Киев.

„Русија го узурпира местото на СССР во Обединетите нации. Тоа се три децении незаконско присуство во ОН, кои беа обележани со војни и окупација на територии на други земји, принудни промени на меѓународно признатите граници и обиди да ги исполни своите нео-империјални амбиции“, се наведува во соопштението на Киев.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

И украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во порака на Твитер напиша дека „присуството на Русија во Советот за безбедност и во целост во Обединетите нации, е нелегитимно“.

Извор: МИА

- Реклама -