Украина до НАТО: Нема да прифатиме никакви алтернативи и безбедносни гаранции освен полноправно членство

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха денеска испрати остра порака до НАТО, нагласувајќи дека Киев нема да прифати никакви други безбедносни гаранции освен полноправно членство во Алијансара.

Во писмо упатено до неговите колеги од земјите на НАТО, Сибиха наведе дека „целосното членство на Украина во Алијансата е единствената вистинска безбедносна гаранција за Киев, како и средство за одвраќање на натамошната руска агресија кон оваа и кон другите земји“, пренесе Политико.

„Нема да прифатиме никакви алтернативи, сурогати или замени за полноправно членство во НАТО“, посочи Сибиха во писмото и додаде дека само тој чекор ќе ја спречи руската агресија.

Шефот на украинската дипломатија истакна дека претходните договори се покажале како незначителни, како што е Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, што требаше да ја заштити Украина откако таа се откажа од нуклеарното оружје.

„Неуспехот да се обезбеди Украина со вистински, ефективни безбедносни гаранции во 1990-тите беше стратешка грешка што Москва ја искористи“, напиша Сибиха, додавајќи дека грешката мора да се исправи.

Прочитајте и:  Украина ќе повлече над 100.000 минофрлачки мини поради лош квалитет

Неговото писмо е испратено во пресрет на денешниот состанок на дипломатите на НАТО во Брисел, каде денеска и утре ќе се разговара за досегашната поддршка за Украина.

Политико предвидува дека и покрај апелот на Киев, за време на самитот не се очекуваат значајни чекори во однос на упатувањето покана за членство на Украина во НАТО.

Официјални лица во Киев се повеќе ја губат надежта дека Украина наскоро ќе се приклучи на Алијансата, при што новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп предложи да се одложи членството на Украина за најмалку 20 години во контекст на потенцијалниот мировен договор со Русија, пишува бриселскиот сајт.

Украинската министерка за правда Олга Стефанишина минатата недела изјави дека верува оти сегашната администрација на американскиот претседател Џозеф Бајден не го искористила моментот да ја покани Украина во НАТО.

- Реклама -