Украина ги повика Белорусите да не учествуваат во „валканата војна“ на Путин

Белорусите да не учествуваат во „валканата војна“ против Украина, апелираше денеска украинската војска до граѓаните на Белорусија, каде неодамна беа распоредени неколку илјади руски војници и стотици оклопни возила, што ги засили стравувањата на Киев дека Русија може да отвори нов фронт во војната, како што беше случај во февруари, кога Русите тргнаа кон Киев и од градот Гомел во јужна Белорусија.

„Ги повикуваме сите граѓани на Белорусија да не ги почитуваат наредбите на вашето раководство за влегување во војна против Украина“, апелираа од Киев, повикувајќи ги граѓаните да го направат „вистинскиот избор“ – да се држат настрана и да не дозволат Минск да го вовлече белорускиот народ во „валканата војна“.

„Меѓутоа, доколку Белорусија директно учествува во војната, ние ќе одговориме“, предупреди украинската војска, пренесува ДПА.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

Од друга страна, белорускиот претседател Александар Лукашенко, денеска изјави дека Белорусија не планира да војува со никого.

„На земјата не ѝ треба војна“, изјави тој при проверката на воено-индустриските производи во регионот Брест, при што одново ги демантираше информациите кои се шират на социјалните мрежи дека државата спроведува скриена мобилизација. Тој повика да не се обрнува внимание на „споменатите поплаки“.

„Мораме да се смириме и да си ја гледаме својата работа, ако сакаме да нема војна, рече Лукашенко.

И претходно белорускиот претседател изјавуваше дека нема потреба од мобилизација. Во меѓувреме, Министерството за одбрана соопшти дека може да повика резерва од 500.000 обучени борци доколку е потребно. Резервистите сочинуваат околу 60 отсто од белоруската армија.

Извор: МИА

- Реклама -