Европската Унија во понеделникот во Луксембург ќе ги започне пристапните преговори со Украина и Молдавија во рамките на првиот преговарачки кластер, кој се фокусира на темелните права, правосудството и владеењето на правото. Ова го соопшти претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Европската Унија денеска направи значаен напредок. Сите држави членки се согласија да го отворат првиот кластер за преговори со Украина и Молдавија“, истакна Коста.
Првиот кластер опфаќа пет клучни поглавја: јавни набавки, статистика, правосудство и темелни права, како и правда, слобода и безбедност. Овие области се сметаат за основа на пристапниот процес и традиционално се отвораат први, а затвораат последни.
Кластерот ги вклучува основните вредности на Европската Унија, како што се владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и заштитата на основните права.
Покрај тоа, во Луксембург ќе се одржи и меѓувладина конференција со Црна Гора, на која земјата ќе ги затвори преговорите во две поглавја – слободно движење на работници и заштита на потрошувачите и здравјето. Црна Гора останува најнапредната земја кандидат во процесот на пристапување кон Европската Унија, имајќи затворено 14 преговарачки поглавја, а властите во Подгорица планираат до крајот на годината да ги затворат и преостанатите.




