Украина се соочува со критичен момент, Фон дер Лајен поддржува

Европската Унија изрази подготвеност да соработува со САД во напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по денешната средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генерал Кит Келог.

„Европа вложува значителни финансиски и воени ресурси во поддршка на Украина, повеќе од било кој друг. Овој момент е клучен и ние сме решени да продолжиме со таа поддршка“, порача Фон дер Лајен преку објава на платформата Икс.

Европската комисија соопшти дека за време на разговорите со Келог, Фон дер Лајен ја потенцирала важноста на улогата што ЕУ ја игра во одржувањето на финансиската стабилност и одбранбените капацитети на Украина. Вкупната финансиска помош надминува 135 милијарди евра, што ја прави Европската Унија најголемиот поединечен поддржувач на Украина.Овој пакет вклучува и 52 милијарди евра воена помош, која е споредлива со американската воена поддршка.

„Претседателката подвлече дека Европската Унија целосно ги исполнува своите обврски во однос на воената поддршка на Украина и дека е подготвена да преземе уште поголеми чекори. Таа истакна дека ЕУ има конкретни планови за зајакнување на военото производство и зголемување на одбранбените инвестиции, со што се подобруваат и сопствените капацитети на Европа, но и самата одбрана на Украина“, се наведува во соопштението.

Прочитајте и:  После победата на Маѓар, можно е брзо повторно активирање на европските средства за Украина.

Фон дер Лајен повторно нагласила дека целта останува мир во Украина кој ќе се потпира на почитување на нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и независност, поткрепени со сигурни безбедносни гаранции.

„Таа, истовремено, ја потврди подготвеноста на ЕУ за блиска соработка со САД во обидите да се стави крај на крвопролевањето и да се изнајде праведно решение кое украинскиот народ заслужува“, стои во изјавата на Европската комисија.

Генералот Келог, во текот на престојот во Брисел, се сретна и со еврокомесарот за одбрана и вселена, Андриус Кубилиус, како и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.