Украина за експлозиите во Транснистрија: Планирана провокација на руските тајни служби

Експлозиите во Транснистрија (Придњестровје) – одметнатата проруска територија на Молдавија, украинското Министерство за одбрана ги опиша како „планирана провокација на руските тајни служби“.

Според соопштението на Телеграм, „проруските лидери на Транснистрија уште пред три дена се подготвуваа за инцидентот, па се погрижија да бидат сместени во сигурен и удобен бункер во Министерството за државна безбедност, што денеска е оштетено во експлозија“.

„Овој случај очигледно е само една од провокациите организирани од ФСБ (руската безбедносна служба), со цел да ја прошири паниката и анти-украинското расположение“, објавија украинските разузнавачи.

Минатата недела, високо рангиран руски генерал изјави дека Русија планира да воспостави „целосна контрола“ над јужна Украина во втората фаза од инвазијата на земјата. Тој додаде дека контролата на јужниот дел од Украина ќе ѝ овозможи на Русија „пристап до Транснистрија“.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

Министерството за внатрешни работи на самопрогласеното Придњестровје, во источниот дел на Молдавија, денеска соопшти дека имало две експлозии во селото Мајак, во областа Григориопол.

Експлозиите ги онеспособиле двете најсилни антени на радио центарот кој емитува руска радио програма, пренесува РИА Новости.

Во експлозиите нема повредени.

Извор: МИА

- Реклама -