Украинци осомничени за саботажата на „Северен тек“, Германија вели дека тоа нема да ја промени поддршката за Украина

Германија денеска соопшти дека нејзината поддршка за Украина и натаму ќе биде непоколеблива, без оглед на резултатите од истрагата за саботажата на гасоводите „Северен тек“ во септември 2022 година.

Заменик-портпаролот на германската влада, Волфганг Бухнер, изјави пред новинарите во Берлин дека истрагата, во рамките на која на Полска денеска и беше предадена европска потерница за апсење на украински државјанин, нема да го промени „фактот дека Русија води незаконска војна против Украина“.

„Истрагата се спроведува согласно законот, независно од лицето и целосно непристрасно“, рече Бјухнер. Тој додаде дека истрагата е „со највисок приоритет“.

Осомничениот во случајот е Володимир З., украински државјанин, кој според полските власти последно бил виден во Полска, откако влегол во земјата од Украина во јули.

Гасоводите „Северен тек“ 1 и 2 беа оштетени од неколку експлозии на 26 септември 2022 година. Експлозиите се случија во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море и малку подоцна беа откриени четири истекувања на три од четирите гасоводи.

Истрагата за експлозиите во 2022 година на руските гасоводи „Северен тек“ во Балтичкото Море следи украинска трага откако се дозна дека е издадена германска потерница по украински нуркач, осомничен дека бил вмешан во саботажа заедно со други двајца Украинци.

Овој најнов развој на настаните во мистериозниот случај, кој е под истрага речиси две години, денеска го открија германските медиуми – јавниот телевизиски канал АЕР Де и престижните весници „Цајт“ и „Зидојче цајтунг“.

Полските обвинители потврдија дека во јуни добиле европски налог за апсење издаден од германското федерално обвинителство за Украинец кој во тоа време живеел во Полска, идентификуван како Володимир З. Според европските правила за взаемна правна помош, полските власти имаа 60 дена да одговорат на германското барање и да го уапсат осомничениот.

Во меѓувреме, сепак, тој ја напушти Полска на почетокот на јули за да се врати во Украина, соопшти полското обвинителство, обвинувајќи ги за тоа германските власти.  Според полските обвинители, германските власти не успеале навреме да го регистрираат осомничениот како барано лице, што му овозможило да избега.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Според германските медиуми,  украинскиот инструктор по нуркање Володимир З. живеел недалеку од Варшава. Тој е осомничен од германското правосудство дека заедно со уште двајца украински нуркачи, претставени од германските медиуми како Евген У. и Светлана У., учествувал во саботажа на гасоводот во длабочините на Балтичкото Море.

Се верува дека триото го транспортирало експлозивот на местото на инцидентот на едриличарскиот брод Андромеда, за кој германските обвинители соопштија дека во 2023 година отвориле истрага. Инспекторите велат дека пловилото тргнало од Рошток во Германија преку Балтичкото Море, а потоа застанал на дански остров пред да се упати кон Шведска и Полска.

Германските власти се многу изненадени од несоработката на Полска во оваа истрага, објавија германските медиуми, спомнувајќи можни соучесници на украинската тројка во Полска.

Контактирани телефонски од различни германски медиуми, Володимир З. и Светлана У. негираат дека учествувале во експлозиите. Според германскиот весник „Велт“, кој денеска ја контактирал Светлана У., таа има намера да преземе правна постапка против тврдењата на германските медиуми.

Иако Шведска и Данска веќе ја затворија истрагата за случајот на почетокот на годината, германските инспектори продолжија со својата работа.

Според германските медиуми, сепак, во оваа фаза нема докази кои укажуваат дека украинските осомничени дејствувале по наредба на украинските власти, тајните служби или вооружените сили на нивната земја.

Киев негира каква било одговорност за саботажата. „Никогаш не би го направил тоа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за германскиот весник „Билд“ во јуни 2023 година.

Во март 2023 година, Њујорк Тајмс објави, врз основа на информациите добиени од американското разузнавање, дека зад саботажата стои „проукраинска група“, но без учество на украинските власти.

На 26 септември 2022 година, четири масивни истекувања на гас, на кои претходеа подводни експлозии, се случија за неколку часа едно од друго долж Северен тек 1 и 2, гасоводи што ја поврзуваат Русија со Германија и носат поголем дел од рускиот гас во Европа. Во моментот на експлозиите, гасоводите не биле во функција.

- Реклама -