Европските министри за внатрешни работи, денеска на состанокот во Брисел, се согласија да им дадат „привремена заштита во ЕУ на бегалците кои бегаат од војната во Украина“.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, одлуката ја објавиле францускиот министер Жералд Дарманин и еврокомесарот Илва Јохансон.
Со ваквата одлука се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, и социјална и здравствена заштита и образование на украинските бегалци. Според најавеното вчера, тие ќе можат да останат во ЕУ една година, но тој период може да се продолжи на три години, освен ако ситуацијата во Украина се подобри.
„Европа стои до оние на кои им е потребна заштита. Секој што бега од бомбите на Путин е добредојден во Европа. Ќе обезбедиме заштита за оние кои бараат засолниште и оние кои бараат безбеден пат до дома“, изјави вчера шефицата на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен.
Дарманин и Јохансон, сепак, не прецизираа дали мерката ќе важи и за бегалците кои бегаат од Украина но немаат украинско државјанство – на што се спротивставија дел од ЕУ членките, како Полска, Словачка, Унгарија и Австрија.
Инаку, директивата за привремена заштита беше донесена во 2001 година и досега никогаш не била активирана. Целта на истата е да се обезбеди итна заштита на оние на кои им е потребна и притоа да се избегнат комплицираните системи за азил.
Извор: МИА