Унгарија е подготвена да подигне ограда на границата со Романија уште следните денови, ако мигрантите го сменат правецот на движење, наместо да одат преку Хрватска, изјави денеска шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
Тој истакна дека јужните граници на Европа и натаму се ширум отворени за постојан прилив на стотици илјади мигранти од Блискиот Исток и од Африка, што довело до сомневање во иднината на Шенгенскиот систем, отворените внатрешни граници во ЕУ.
„Ако Грција не е подготвена да преземе улога за ова решение, тогаш ние мораме да разговараме со Бугарите и Македонците“, порача шефот на унгарската дипломатија.
Сијарто нагласи дека Унгарија направила подготовки оградата на нејзината граница со Романија да биде брзо подигната ако тоа биде потребно.
Австрија во петокот соопшти дека ќе забрани влез на мигрантите кои од таа држава планираат да одат во Германија, што ја поттикна словенија на сличен потег, за да избегне да стане тесно грло за бегалците.
Поради ова Романија би можела да стане популарна рута, од каде мигрантите веројатно би се обиделе да влезат во Унгарија на својата рута во западна Европа.
„Се повеќе е веројатно дека јужната граница на Шенгенската зона ќе биде изедначена со северната граница на Грција со Бугарија и Македонија“, додаде Сијарто.