Улиците на Њујорк навистина се обложени со злато – под услов да не ви пречи да го барате клекнати на колена. Рафи Степаниан кој себеси се опишува како урбан рудар, открил доволно минијатурни делови од накит на улиците на Њујорк за да си овозможи пристоен живот.
Користејќи обична пластична чашка, пинцета и мало ноже тој секоја недела собира злато дијаманти и рубини вредни стотици долари. Тој вели: „Процентот на злато на улиците е поголем од количината на злато која би ја нашле во рудник.“ Господин Степаниан своите денови ги поминува на 47-ма Улица, каде што трага по сјајот на благородниот метал во секое ќоше и пукнатина на асфалтот. Тој ја раскопува калта во пукнатините со ноже, по што истата ја носи во своето студио каде што ја поминува низ сито, слично како рударите од деветнаесетиот век.
Минатата недела тој заработил 819 долари за само шест дена, продавајќи го најденото злато кај локалните златари – од каде што истото најверојатно и потекнува. Златото и скапоцените камења најчесто завршуваат на улица. Господин Степанијан исто така наоѓа и мали парчиња платина, делови од златни обетки и алки од златни синџирчиња, часовници и гердани.
Тој додал: „Материјалите паѓаат од облека, од ѓоновите на чевли, паѓа од накит, паѓа во нечистотијата и останува на улица.“ Неговата секојдневна потрега по богатство започнала пред неколку години, кога работел како поплочувач на под и нашол парчиња злато во продавница за дијаманти. Тој сфатил дека ако може да најде злато во продавницата, може да го најде и надвор, по што почнал да ги пребарува тротоарите.
„Камењата се веќе исечени и обработени – што е подобро од рудник. Јас ги наоѓам исечени и исполирани.“ За него оваа работа не е ништо поразлична од собирање конзерви по улица и нивно продавање на отпади за мали пари – освен тоа што неговиот метод е поисплатлив. „Ова е враќање на злато кое може повторно да се употреби. Ова злато било на улицава веќе 60 години. Јас знам како и каде да го најдам.“ [New York man makes $500 a week from gold in pavement cracks]