Апсолутниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Украинецот Олександр Усик, во вечерта кон средата накратко бил приведен на аеродромот во полскиот град Краков, но набрзо бил ослободен.
Причината за апсењето на Усик не е позната, но украинскиот претседател Володимир Зеленски многу брзо одговори преку социјалната мрежа Телеграм:
„Бесен сум поради односот кон нашиот граѓанин и шампион. Нашиот шампион е приведен, но и пуштен и никој повеќе нема да го приведе“, најави Зеленски.
Усик беше многу попомирлив во пораките по неговото ослободување.
„Пријатели, сè е во ред. Имаше недоразбирање кое брзо беше решено. Ви благодариме на сите за загриженоста. Почит за полските службеници за спроведување на законот кои ги извршуваат своите должности без разлика на висината, тежината, должината на рацете и титулите”, порача Усик преку Instagram.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха најави дека ќе стапи во контакт со полските колеги за да ги разјасни околностите за „неприфатливото однесување кон шампионот“.
Покрај тоа што е светски шампион, Усик е и национален херој во Украина поради финансиската помош што ја дава на својата татковина во војната против Русија.