Националноста, според претседателот на Судот Дарко Костадиновски, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот. Костадиновски потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност
Уставниот суд денеска на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување меѓу другите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, информираат од Уставниот суд.
Според претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, Дарко Костадиновски, само мерит-системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
„Ниту даваме ниту укинуваме некои права. Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Уставот, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа“,
посочи Костадиновски.
Националноста, додаде тој, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот. Костадиновски потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.
По сопствена иницијатива, Костадиновски му предложи на судот да поведе и постапка и за регистарот, „балансерот“ и носењето годишни планови за вработување во јавната администрација.
„Сите знаеме во каква реалност живееме. Знаеме каков е квалитетот на услугите и довербата на граѓаните во државниот апарат и јавниот сектор. Ако сме искрени ќе признаеме дека барем во еден сегмент и овие оспорени одредби сметаме дека имаат удел во таа наша реалност. Сето ова го кажувам со надеж дека нема да биде погрешно разбран“,
изјави Костадиновски.
Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека станува збор за едно „чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници“.
Ако се усвои иницијативата, според него, ќе се суспендира самото право на сите немнозинските заедници и „граѓаните ќе губат право и трпат штета на своите уставно загарантирани права“.
„Застапеноста на помалите национални заедници е загрижувачка и ги нема. Замислете ако се укине правото, тек тогаш ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинаките заедници ќе бидат укинати. Мора да констатирам дека ако тоа се случува и донесе одлука на штета на немнозинските заедници ќе бидеме донесени како суд во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата“,
изјави Кадриу.
Според Ана Павловска-Данева, имајќи го предвид духот на алатките кои се применуваат за правична застапеност, „балансерот“ ниту значи унапредување на правата, ниту го назадува.
„Од 2016 година тоа е алатка на корупција, партизација и непотизам. Огромен број вработувања кои менуваат националност. Оттука апсолутно ќе го поддржам предлогот методологијата да биде укината“,
изјави Павловска-Данева.
Татјана Васиќ-Бозаџиева, смета дека „балансерот“ не треба да се укине, туку да се замени со нова алатка што нема да генерира негативна дискриминација.
„Мојот став е дека треба да се поведе постапка и даде можност и рок на соодветните институции, согласно нивните податоци да излезе со предлог решение што нема да генерира негативна дискриминација“,
изјави Васиќ-Бозаџиева.
Судијката Јадранка Давовиќ-Анастасовска рече дека од сите алатки за правична застапеност за неа најспорно е дека во огласите треба да стои националната припадност.
„Човечки е дека тој што сака да се вработи може да ја смени националната припадност, која е слободно чувство. Како се утврдува дека некој дал лажна изјава и навистина не знам каков е тој регистар. Тоа ми отвора една дилема. Тоа е мојата дискусија, не знам дали помагам или не“,
изјави Давовиќ-Анастасовска.
Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.
Според подносителот на иницијативата (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.
На дневен ред на денешната 24. седница на Уставниот суд се повеќе иницијативи за оценување на уставноста и законитост и неколку предлози за одлучување со нацрт-одлуки и нацрт-решенија.