Уставните судии си изгласале 35% додаток на плата заобиколувајќи го Собранието, реагира и Антикорупциска

Фото: СДК.мк

На 22 октомври годинава, уставните судии направиле преседан и сами си изгласале додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, за да бидат исти како судиите и обвинителите. Преседанот е во тоа што наместо парламентот да им ги изгласа со закон, тие додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, објави „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Како што објаснува порталот, кај нас исто како и секаде во светот кога станува збор за ризици во работата, надоместоците на платите на судиите и на обвинителите се регулирани со посебни закони. За уставните судии таков закон нема, зашто тие земаат поголеми плати од обвинителите и од редовните судии во основните, апелационите, управните судови и во Врховниот суд, а немаат ни толкав ризик во работата. Тие не сослушуваат обвинети, не одредуваат притвор, не судат за организиран криминал, ниту за корупција, убиства, силувања, педофилија, не одат на увид на несреќи и, кратко речено, не трпат таков тип ризик во работата. А со одлуката од 22 октомври, токму за овие ризици си предвиделе надоместоци со Деловник за работа.

Како што пишува „СДК“, оваа небулоза на порталот му била посочена од професори по уставно право, кои не разбираат кој е тој наводен ризик во работата на уставните судии и што е тоа што е доверливо, когао постапката во Уставниот суд е јавна… (повеќе ТУКА).

На ваквата информација, експресно реагираше опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа уставните судии „да ги вратат парите од покачувањата кои не им припаѓаат“:

„Додека во земјава народот се бори за живот, тие немаат право да си ги покачат парите. Луѓе умираат и губат животи на постела барајќи донации, а уставните судии спротивно на закон си изгласале покачување на платите за себе. На земјава со водство на Заев не и треба втора пљачка со хонорари како што беше СЈО“, велат оттаму.

Прочитајте и:  ДУИ: Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци

Дополнително, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, уставните судии треба да ги почитуваат Уставот и законите, а не да ги кршат. Гласањето на додаток на плата, велат од партијата, е незаконски, бидејќи секое покачување на плата или измени во тој дел треба да помине во Собрание.

„Дали со ваквите додатоци на плата треба да ѝ се угоди на Кацарска која СДСМ сака да ја избере за Уставен судија, па покрај загарантираниот мандат од 9 години, таа треба да добие и повисока плата?!“, прашуваат од најголемата опозициска партија, со барање веднаш да се укине ваквата одлука, а Министерството за финансии да не постапува по истата при исплата на платите.

Со своја реакција, на социјалните мрежи, во негов стил, се јави и претседателот на Левица – Димитар Апасиев. Коментирајќи ја веста, тој уставните судии ги нарече „гниди“ и им порача дека сите привилегии ќе им бидат укинати.

Покрај партиските реакции, експресно се огласи и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК, ака. Антикорупциска). Претседателката на антикорупционерите – Билјана Ивановска, потврди дека не може со Деловник за работа судиите да си го зголемат надоместокот на плата.

„Факт е дека треба закон за работење на Уставниот суд. Факт е дека тие работат по Деловник од 91 година, кој е застарен. Уставниот суд неодамна го променил Деловникот и земал одредба од законите кои ги третираат тие права, но факт е и дека во Уставот стои дека со Деловникот се уредува начинот на постапување со нивните предсмети, а не правата за нивен посебен додаток. Не може нешто да се уредува со Деловник ако тоа што треба да се уреди треба да биде со закон“, порача Ивановска.

- Реклама -