Усвоени Планови за вработување во „Комуналец“ Гостивар и „Русино“ за 2025 г.

На денешната седница на Советот на општина Гостивар беа донесени годишните Планови за вработување во јавните претпријатија „Комуналец“ и „Русино-Полог“ за 2025. Претставници на претпријатијата пред советниците дадоа образложенија за предвидените вработувања, кои треба да се остварат идната година.

„Во „Комуналец“ моментално со решение има 98 вработени, ќе се пензионираат 3. Планирани се 97 вработувања. Систематизацијата предвидува вкупно вработени со решенија 204 и според тоа планираме да го пополниме бројот“, рече претставникот од „Комуналец“.
Во советот се разви дебата околу неплатеното здравствено осигурување на вработените во комуналното претпријатие, кое е поради долг. Од страна на претставникот на „Комуналец“ беше речено дека долгот се отплаќа на рети, но здравстевното осигурување сепак не е одблокирано.  Имаше предлог да се бара решение од Владата за простување на долгот, за работниците да можат да користат медицински услуги и помош на државно.
Регионалното претпријатие за менаџирање со отпадот пак, „Русино-Полог“ планира во 2025 година да ги оствари првите вработувања со решенија, со оглед дека 11-те вработени се ангажирани преку Агенција за привремени вработувања.
„Систематизацијата која беше донесена неодамна предвидува вкупно 50 вработени. Следната година планираме да отвориме конкурс за 21 работник, без кои претпријатието не може да функционира.“, рече претставникот на „Русино-Полог“.
На советничко прашање „Дали ќе се вработуваат кандидати од Гостивар или од другите полошки општини, со оглед дека претпријатието е регионално“, претставникот рече дека тоа не може да се каже однапред затоа што вработувањата ќе одат со конкурс и ќе бидат примени оние кои ги исполнуваат условите.

На денешната седница на Советот, меѓу другото беа изгласани одлуки за доделување на финансиски средства за градската библиотека, месните заедници на Чегране и Мало Турчане, велосипедскиот клуб „Адреналин“ и др.

Извор