Утре ќе се одржи четвртото издание на целодневниот мултимедијален фестивал „Синестетика“. Тој се одржува во природа, на ледината „Шамак“, на Водно над Козле.
На фестивалот ќе има музички настапи од Светлост, The Ooz, Lost in Reverie, Galatheia, Александар Велики, Јоана, Огнен Златанов, Кокиче и The Local Blue. Јоана исто ќе одржи музички час, а Марко Печеновиќ, под името „Иш и јас“, ќе го промовира своето деби ЕП.
На „Шамак“ исто така ќе наидете на друштвени игри од Гоблин, печатење со ситопечат со „Партизанска штампа“, јога со Горјана Јордановска и Ана, работилница за изработка на џебни пепелници од „За почиста Македонија“ и други настани.
„Синестетика“ има соработка со Младинскиот филмски фестивал, што се одвива во текот на викнедот. Воедно, на „Синестетика“ ќе има проекција на филмови на млади режисери.
На сите изданија на фестивалот преовладува DIY (do-it-yourself, односно „направи го сам“) атмосфера. Имено, неговиот плакат е адаптиран од големо платно на кое секој учесник на минатата „Синестетика“ можеше да црта. Оваа година исто така ќе има отворена галерија, каде уметници ќе можат да донесат свои дела.
Во духот на DIY, фестивалот е самофинасисран и е на база на донации. Се собираа средства на креативен начин минатата сабота во „Лабораториум“ во форма на диџејска „битка“ меѓу двата главни организатори Виктор Танасковски и Ива Дамјановски. Посетителите имаа прилика да остават пари во две различни кутии врз основа на кој диџеј повеќе им се допаѓа.
Танасковски и Дамјановски имаат организирано и други настани од сличен карактер, вклучувајќи го „Електро-акустичен доручек“, кој се одржа минатата година во октомври.
„Првото издание беше и пробна верзија на идејата што ја имав за поголем фестивал на отворено, па така настана Синестетика во пролетта 2018. Идејата е да се избегне сè што е поврзано со институциите, како и со музичката индустрија, доколку таа кај нас воопшто постои. И двата настана се конципирани како обид за заедничко креирање слободен простор за уметничко изразување, каде секој присутен, било од публиката или од „организацијата“, зема учество и придонесува за „градењето“ на тој простор, без барање каква било помош и „поддршка“ (најгрдиот еуфемизам за финансирање) од институциите“, вели Танасковски тогаш за Мета.мк.