Утрешниот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ посветен на Горан Стефановски

Утрешниот ден, деветти јуни, на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе биде посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски. Ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Ќе бидат одржани пет работилници, освен презентацијата на едукативната програма: Работилницата за драмско пишување што ќе ја води Ана Трпеноска, Работилницата за новинарско следење на фестивал што ја води тимот на Умно.мк, Работилница за тело – говор – простор што ја води Искра Шукарова и Работилницата за костимографија што ја води Александар Ношпал.

Ќе бидат одржани и промоции на повеќе изданија од театарска и театролошка литература од македонски и странски автори, а ќе бидат активни сите фестивалски зони од минатата година, како и нови кои ќе се откриваат постепено во текот на следните денови на фестивалот. 

Прочитајте и:  „Војдан Чернодрински“ се подготвува за нова театарска револуција под слоганот „Смеј се и осмели се“

Фестивалот започна вчера со изведбата на „Хеда Габлер“ во режија на Васил Христов, во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Овогодинешното мото на фестивалот е „Промени се, промени сè“.

Вкупно 11 претстави во продукција на националните театри и пет претстави во придружната програма ќе бидат одиграни до 14 јуни во Прилеп, обединети под концептот „Ново читање“ што ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.

- Реклама -