Вака ќе изгледавме ако бевме само нервен систем

Во 1925 година, двајца медински студенти од Кирксвил (Мисури, САД) добиле медицински леш и предизвик: да го дисецираат телото и да го извадат целиот нервен систем во еден дел.

M.A. Schalck и L.P. Ramsdell ја поминале цела следна година (т.е. 1.500 часа) работејќи на задачата. Фотографијата споделена на Reddit го покажува плодот на нивната работа, кој денес е трајно изложен во Музејот за остеопатска медицина на универзитетот ATSU во Кирксвил.

Ако вас ви делува импресивно, за медицинските студенти кои го посетуваат музејот ова претставува вистинско ремек дело, дури на граница на чудо, вели Џејсон Хакстон – директор на музејот.

Според него, секој студент во класот на двајцава студенти морал да дисецира човечка рака. Овие двајца, меѓутоа, толку добро и детално го направиле тоа, што професорите ги избрале да дисецираат цело тело.

Детали за процесот ќе најдете во оригиналниот текст на Livescience, а доволно е да знаете дека има само уште 3 вакви (рачни) дисекции низ светот (Хакстон не ги брои тие што се направени со хемиско одвојување). Вториот е дисециран на ATSU во 1936 година, третиот го поседува медицински музеј во Тајланд, а четвртиот е изложен на универзитетот Дрексел во Филаделфија.

Пред околу 10 години, вредноста на изложениов нервен систем на Шалк и Рамсдел бил проценет на 1 милион долари. Денес е непроценлив.

- Реклама -