„Читајќи што се случува со Специјалното јавно обвинителство во Северна Македонија, можам само да заклучам дека владеењето на правото повторно ‘истекува низ одводот’ (*читајте: заминува, се губи во неповрат) со голема брзина“, пишува на Фејсбук Питер Ванхојте – белгискиот дипломат кој беше ангажиран како европски медијатор во политичката криза во Македонија во 2015-та, односно ангажиран во преговорите и Договорот од Пржино, како и во процесот на договорање на СЈО.
„Што и да се случило во канцеларијата на специјалниот обвинител, важно е да се престане со шпекулациите и да се дозволи регуларното обвинителство да си ја сработи работата. Во случај да има злоупотреба на моќта, луѓето кои биле инволвирани во тоа треба да бидат осудени. Но, доста со гласините!
Анализирајќи што се случува, моето прво прашање е: Зошто ова одеднаш излезе на површина? Кој стои зад тоа? Дали Катица Јанева веројатно допрела до одредени луѓе кои верувале дека се недопирливи и над законот? Во одговорот на прашањето ‘кој извлекува интерес од ова што се случува’, можам да набројам долга листа на имиња, но тоа нема да ѝ помогне на земјата да напредува.
Едно нешто, меѓутоа е јасно: Политичарите тотално ја уплескаа. Наместо гарантирање на неселективна и независно правда, политичарите од сите партии продолжија со нивните лични борби и препукувања и заборавија на важноста на коректната имплементација на основните демократски принципи, како поделба на власта/моќта и потребата од независно правосудство. Тоа само докажува дека има уште долг пат што треба да се изоди.
Можам само да се надевам дека кога тогаш, повторно ќе се разбуди цивилното општество и ќе бара основните демократски вредности да бидат почитувани постојано, во секој момент, дури и од политичарите.
И на крајот, што и да се случи, истрагите со прислушуваните разговори мора да продолжат. Тоа е товарот на минатото, но никогаш не треба да се заборави тоа што се случило и треба да се осигура дека оние што биле вмешани, вклучително и г-ин Груевски, ќе бидат соодветно кривично гонети и следствено и осудени. И ЕУ и г-ин Орбан треба да се свесни дека не може да му се дава азил на таков човек и во исто време безусловно да се бара од Северна Македонија да го почитува владењето на правото. Па, ајде да го поправиме и тоа, меѓу другово“, порачува Ванхојте.