„Јас сум за воспоставување целосно на јавен/државен систем на здравствена заштита. Ако една Канада има само државно здравство, тогаш по што е Македонија толку покапиталистичка и полиберална? Кое е фајдето за човекот? Уништувањето на јавното здравство има катастрофални последици и за поединците и за општеството: сега сме поделени на тие што имаат пари да си обезбедат поквалитетна здравствена заштита, и тие што мораат да одат во руинирани државни објекти. Да не зборувам за ‘миграцијата’ на здравствениот кадар за повисоки плати кон приватното здравство, па и во насока на напуштање на земјата (главно заминување во Германија или Хрватска)“, изјави во интервју професорката Билјана Ванковска, кандидатот за претседател на државата на Левица.
Само јавното здравство се заснова на принципите на солидарност и хуманост, односно еднаквост на човечкиот живот и здравје. Сите издвојуваме за здравствениот фонд, а добиваат тие на кои заштитата им е нужна, поради хронични или акутни заболувања, повреди, попреченост, посочи Ванковска.
„Конечно, се надевам дека како општество ќе имаме сили СИСТЕМСКИ да го решиме проблемот со урнисаното здравство, да обезбедиме достоинствена положба на медицинските лица и установи (условите во кои работат се очајна приказна сама по себе), но и на пациентите – кои и да се, кога и да им треба помош од заедницата и од струката“, додаде таа.