Фејсбук статус на Билјана Ванковска
(Мој коментар за еден медиум од дијаспората околу изборите)
Изборите кои ќе се одржат на 12 април едвај и да можат да се наречат предвремени, бидејќи ќе се одржат на само неколку месеци пред рокот за редовните. Освен тоа, мислам дека опозицијата пребрзо ја фаќа еуфорија, бидејќи потегот е издејствуван од страна на Зоран Заев, а не обратното. Наместо оставка, тој тргна во контранапад и заради заштита на својата позиција. Елементарната пристојност и политичка култура бараше поднесување оставка, но наместо тоа гледаме премиер кој излегува од својата „Косовска битка“ (или можеби од својот „Букурешки момент“) со невидена ароганција и страст за победа.
Предизборната кампања „висеше“ во воздух веќе извесно време, па така изборите не се никакво изненадување. Ваквата атмосфера на меѓусебни обвинувања и црна кампања ќе трае се’ до 12 април.
Претпоставувам дека на Заев му е дадено ветување од Брисел и европските центри на моќ дека ќе добие иста помош и поддршка како и за време на лансккиот референдум, кога во Македонија се прошетаа бројни државници. На овој начин, Заев ја има иницијативата, а не Мицковски – и изборите сака да ги претвори во референдумско изјаснување од типот „дали сте за ЕУ или сте антизападни елементи и непријатели“.
Сакам да кажам ова нема да бидат нормални и демократски избори, бидејќи сите си ја ставија jaмката околу вратот кога на средбата кај претседателот се зaкoлнaa на верност на ЕУ. Владата на Заев добива предност во старт, а опозицијата е ставена во дефанзива да се брани и објаснува дека таа е за ЕУ по секоја цена, што ќе рече и по цена на неменување на Преспанскиот договор.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ не смогна храброст експлицитно и јасно да го искаже својот политички став (и план за оспорување на Договорот врз основа на повредите на Виенската конвенција, но и Уставот) ниту лани во ова време, ниту сега. На тој начин, опозицискиот блок (без оглед на идеолошката провениенција) може да се подели на оние кои цврсто инсистираат на оспорување на Преспанскиот договор и на оние кои го кријат ставот како змијата нозете. Тоа е во полза на власта, се разбира.
Можеби е рано, но измина цела година без да дојде до окрупнување и обединување на сите опозициски сили. Една голема пропуштена прилика за тоа беа претседателските избори, кога можеа да се обединат околу една (би рекла, извонредна) личност. Знаете дека дел од опозицијата ги бојкотираше тие избори и сега не знам како ќе изгради мост и ќе се консолидира. изборниот законик не е сменет во насока на ветувањата за една изборна единица, односно битката повторно ќе се води помеѓу „мастодонтите“, големите партии кои се и најодоговорни за состојбата во која се наоѓа Македонија, и на надворешен, но и на внатрешен план.
Идната влада ќе има огромна и тешка задача да постави на нозе држава која е презадолжена, партизирана, етнизирана, корумпирана и без компас во надворешните односи. Нашите политичари не гледаат подалеку од носот, па во ЕУ гледаат (да се изразам народски) како теле во шарена врата. А таа врата ќе остане затворена подолго време, време во кое сите земји од Унијата (вклучувајќи ја и Бугарија, Германија, Франција, итн.) сораборуваат и со Русија и со Кина на економски (и посебно енергетски) план. Ние остануваме cлeпo цpeво на Европа, а не пaпoк на светот.