Варадкар: Приклучувањето кон ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка

„Секогаш го поддржувавме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме С Македонија како идна земја членка и се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза“, рече ирскиот премиер

Приклучувањето кон Европската Унија треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка работа, порача ирскиот премиер Лео Варадкар на заедничката прес-конференција со неговиот македонски домаќин, премиерот Димитар Ковачевски.

Варадкар во обраќањето рече дека со неговата денешна посета на земјава, но и таа на Црна Гора и Косово, го покажува интересот на Ирска и нејзината посветеност за овој регион.

„Ја покажуваме нашата решителност да ѝ помогнеме на Северна Македонија и на нејзините соседи на нивниот пат кон ЕУ интеграција. Сметам дека е важно и за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа, особено по руската инвазија на Украина која даде една нова итност во ситуациите“, рече Варадкар.

Луѓето од С Македонија и регионот, рече ирскиот премиер, ќе имаат придобивки од членството, исто како што имаше и Ирска кога се приклучи.

„Секогаш го поддржувавме проширувањето на ЕУ и се радуваме да ја пречекаме С Македонија како идна земја членка и се надевам дека напредокот во пристапните преговори ќе забрза“, додаде тој.

Варадкар рече дека се подготвени да помогнат онаму каде што можат, особено во врска со реформите.

„ЕУ ја трансформираше Ирска во изминатите 50 години и тоа донесе многу економски и други придобивки во нашето општество. Навистина сме среќни што можеме да го споделиме нашите искуство и знаење со вашата Влада во текот на пристапните преговори“, рече Варадкар.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека сите алтернативи кои се нудат наспроти членството во Европската Унија се утопии кои не можат да дадат ниту приближен резултат на она што го дава членството во Унијата.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

„Дали ќе стигнеме до таа цел сега зависи само и единствено од нас. Останува последниот чекор, одлуката нема да е лесна иако е техничка“, рече Ковачевски.

Ковачевски и Варадкар денеска одржа тет-а-тет средба, во рамките на неговата официјална посета на земјава, која воедно е и прва посета на ирски премиер на државава.

ФОТО: Влада на РСМ

По оваа средба се одржа и билатерална средба на македонската и ирската делегација, на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, била поздравена триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, при што беше потенцирано дека постои добро ниво на политички дијалог и покрај географската оддалеченост.

Исто така, се додава во соопштението, била нагласена потребата од зајакнување на економската соработка, особено во областа на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот.

„Заеднички беше истакнато дека проширувањето на ЕУ е стратешко и безбедносно прашање коешто е од клучно значење во овој сложен и неизвесен геополитички контекст за европскиот континент. Двајцата премиери констатираа дека иднината на Република Северна Македонија треба да се издигне над сите политички и идеолошки разлики и затоа од сите политички чинители се очекува проактивност во однос на исполнувањето на целите кои се поставени на патот кон ЕУ“, се додава во соопштението.

- Реклама -