Еврокомесарот посочи дека политиката на проширување е главен приоритет на ЕУ и дека повеќе не е прашање дали, туку кога ќе се случи. Вархеји додаде дека проширувањето ќе остане на врвот на политичката агенда бидејќи, како што рече, европскиот проект нема да биде завршен „без приклучување на пријателите од Балканот и од Истокот“
Eврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, денеска, зборувајќи за важноста на проширувањето на ЕУ, рече дека целта е во октомври годинава да се одржат меѓувладини конференции со Србија, Албанија и можеби со Северна Македонија, пренесе српска „Политика“.
„Со Србија и Албанија, можеби и со Северна Македонија, нашата цел е да одржиме меѓувладини конференции во текот на следниот месец“,
изјави еврокомесарот Вархеји.
На меѓупарламентарната конференција за Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничка безбедносна и одбранбена политика во Будимпешта, Вархеји изјави дека ЕУ треба да ги продолжи преговорите со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст. Воедно, ги повика Белград и Приштина да напредуваат во дијалогот кој се води под посредство на ЕУ.
Осврнувајќи се на резултатите на Европската комисија во врска со политиката на проширување, Вархеји укажа на неодамна усвоениот План за раст за Западен Балкан. Додаде дека Планот за раст треба да ги забрза реформските процеси во Западен Балкан и посочи дека сите партнери поднеле реформски агенди кои опишуваат како и кога ќе ги завршат реформите неопходни за влез во ЕУ.
Посочи дека политиката на проширување е главен приоритет на ЕУ и дека повеќе не е прашање дали, туку кога ќе има проширување. Вархеји додаде дека проширувањето ќе остане на врвот на политичката агенда бидејќи, како што рече, европскиот проект нема да биде завршен „без приклучување на пријателите од Балканот и од Истокот“.
Истовремено, посочи дека пристапувањето во ЕУ е процес заснован на заслуги и на Копенхашките критериуми.
„Јасно е дека пристапувањето во ЕУ зависи од напредокот што го прави секоја земја, почнувајќи од фундаменталните реформи, што е принцип кој е од најголема важност за нашите земји членки. Затоа, кандидатите и потенцијалните кандидати мора да ја покажат својата целосна посветеност на спроведување на реформите и соодветните цели на ЕУ. Земјите кандидати добија многу неопходни средства и поддршка за да станат членки на ЕУ. Затоа, убеден сум дека следната Комисија ќе треба да биде Комисија за проширување, која ќе го отвори патот за следниот бран на проширување на крајот од нејзиниот мандат“,
рече Вархеји.
Нагласи дека ЕУ е подготвена да ги пречека новите земји членки во наредните години.