Вархеји: Има комплетен застој во Софија, во ЕУ воопшто не се зборува за преговарачка рамка

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, попладнево изјави дека не се зборува за преговарачка рамка со Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

На прашање на МИА дали Европската Комисија ќе гарантира дека конечната преговарачка рамка за земјава нема да ги прекршува вредностите, правилата и принципите на Европската Унија, еврокомесарот Вархеји порача дека воопшто не се зборува за преговарачка рамка.

„Не сум запознаен со никаква преговарачка рамка, знам дека има комплетен застој во Софија, го поминувам речиси секој вторник во таа земја, без резултат, очигледно е дека внатрешната политика е способна да му наштети на кредибилитетот на ЕУ, нема преговарачка рамка во овој момент“, изјави Вархеји.

Прочитајте и:  ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија

Еврокомесарот за проширување потоа додаде дека се надева дека одржувањето на првата меѓувладина конференција, вклучително и за Албанија, ќе се одржи за неколку дена.

„Нема причина да чекаме уште поради внатрешни политички прашања во Бугарија, се надевам дека зборуваме за денови, а не за месеци или години кога станува збор за првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија“, рече Вархеји, одговарајќи на прашање дали Украина и Молдавија би можеле да започнат преговори пред Скопје и Тирана откако двете земји денеска добија препорака за кандидатски статус за членство во ЕУ.

Извор: МИА

- Реклама -