Вархеји побара дополнителни напори од Македонија да ѝ излезе во пресрет на Бугарија, Politico му пиша тројка

Еврокомесарот за проширување на унијата – Оливер Вархеји, изјави дека сѐ уште се надева, но сѐ помалку и помалку, дека до крајот на годинава ЕУ ќе ги усвои преговарачките рамки за Македонија и Албанија. Сепак, тој истакна дека Европската комисија и германското претседателство сѐ уште вложуваат многу енергија тоа да се случи.

Во своето обраќање во Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент по повод 25 години од Дејтонскиот договор, Вархеји ги повика сите парламенти кои директно или индиректно учествуваат во „дебатата“, да помогнат да се дојде до решение меѓу Македонија и Бугарија.

„Дозволете да ја искористам приликата која ја имам пред двата парламенти овде, да ги повикам парламентите кои исто така учествуваат во оваа дебата, директно или индиректно, да ни помогнат да постигнеме решение за ова, бидејќи мораме да најдеме решение за ова. Во спротивно, ЕУ ризикува да го загуби кредибилитетот со неиспорачување на ветувањата штио ги дадовме кога ги отворивме пристапните преговори со двете земји“, рече тој.

Меѓутоа, во повикот да се вложат сите можни напори, Вархеји посебно ја прозва Владата на Северна Македонија:

„Македонија треба да направи дополнителни напори за им излезе во пресрет на бугарските стравувања и да се обиде да изнајде решение кое е еднакво прифатливо и исто така утешно за двете земји“, порача еврокомесарот.

Во меѓувреме, во анализата на Politico.eu во која по повод една година од работата се сумираат оценките за сработеното на Европската комисија и нејзините еврокомесари под водство на Урсула фон дер Лајен, Вархеји беше оценет со „тројка“.

Како најдобар момент на Вархеји, „Политико“ ја издвојува новата методологија за проширување со која се надминаа приговорите на Франција и која овозможи зелено светло за Македонија и Албанија, а во која еврокомесарот за проширување (иако постојат одредени несогласувања за тоа во колкава мера) имаше голема улога. „Политико“ го фали Вархеји и за тоа што бил мошне „видлив“ кога Комисијата го предложила финансискиот пакет од 3.3 милијарди евра за помош на Балканот против пандемијата, и воопшто, за неговата генерална голема активност, која му ја признаваат и критичарите.

Како најлош момент на Вархеји, меѓутоа, Politico ја издвојува токму блокадата од Бугарија на почетокот на преговорите на Македонија за членство во Унијата, која, како што пишува порталот, ѝ нанесе удар на целта на Комисијата да ги започне преговорите до крајот на годината.

„Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но најголемиот дел велат дека главниот проблем е што Европската народна партија (ЕПП) не беше доволно строга кон бугарскиот лидер Бојко Борисов. Честа критика за Вархеји е дека тој е премногу чувствителен на унгарските интереси, наместо на ЕУ како целина. ‘Кога зборува за Србија, делува подготвен да замижи“ за одредени нешта поради блиските врски меѓу Србија и Унгарија во енергетскиот сектор, вели еден од дипломатите. Друг ЕУ функционер не ги прифаќа ваквите обвинувања и тврди дека Вархеји работи исто како и другите комесари“, пишува „Политико“.

Сепак, во делот „што потоа“, се истакнува дека клучниот играч во обидите за деблокирање на Македонија е, сепак, германското претседателство, повеќе од Вархеји. Додека тоа не се случи, голем дел од неговата работа е практично замрзната, оценува порталот, додавајќи дека на крајот успешноста на еврокомесарот ќе биде „судена“ врз основа на тоа дали идните членки, како и Србија и Црна Гора, се доближиле до ЕУ додека бил тој „на смена“.

 

- Реклама -