Варшава: Руски разузнавачки служби веројатно стојат зад серијата експлозии во курирски центри низ Европа

Полските обвинители денеска соопштија дека руски разузнавачки служби најверојатно стојат зад серијата пакети што експлодираа во јули во курирски центри низ Европа, посочувајќи ја Москва како главен осомничен во случајот што можеше да предизвика авионска несреќа.

Западни дипломати претходно изјавија дека Русија се обидува да ги дестабилизира украинските сојузници преку саботажа.

Експлозиите во курирските центри во Велика Британија, Германија и Полска во јули, според властите, имаа потенцијал сериозно да ескалираат и да предизвикаат експлозија во авион.

Безбедносни функционери изјавија дека пакетите биле дел од планот чија крајна цел била да предизвикаат експлозии на товарни летови кон САД и Канада.

– Доказите собрани во овој случај укажуваат на голема веројатност овие саботажи да се нарачани од руски специјални служби, рече портпаролот на полското обвинителство, Пжемислав Новак во соопштение.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Руската амбасада во Варшава не одговори веднаш на барање за коментар, а претходно негираше каква било вмешаност.

Новак додаде дека полските власти трагаат по двајца Руси и оти во рамките на истрагата привеле четворица Украинци. Во октомври полските обвинители соопштија дека уапсиле четири лица и оти трагаат по уште две, но не ја открија националноста на осомничените. Обвинителството во октомври соопшти дека ја истражува улогата на „странските разузнавачки служби“, без експлицитно да ја именува Русија.

– Спроведуваме активности за идентификување на преостанатите лица вклучени во оваа меѓународна група, рече Новак во соопштение испратено денеска до медиумите. Според него, пакетите можеле да бидат испратени од главниот град на Литванија, Вилнус.

- Реклама -