Вашингтон бара Москва веднаш да ја смени одлуката: Милиони ќе ја „платат цената“ на повлекувањето од договорот за жито, вели Гутереш

САД и Велика Британија ја осудија одлуката на Русија да го суспендира своето учество во Иницијативата за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море (БСГИ), за која велат дека ќе ја влоши безбедноста на храната и ќе стави во опасност милиони луѓе, и го повикаа Кремљ да го повлече тој потег.

„Ја повикуваме владата на Русија веднаш да ја повлече одлуката за повлекување од договорот за извоз на жито преку Црното Море“, изјави советникот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Адам Хоџ.

Лондон, исто така, бара Русија да го обнови БСГИ и да се заложи за целосно спроведување на договорот.

„Во едностраниот потег што доведе до колапс на БСГИ, Русија ја искористи храната како оружје и го спречува житото да стигне до оние на кои им е најпотребно“, изјави портпаролот на британското Министерство за надворешни работи.

„Британија го осудува очигледниот обид на Русија да им наштети на најранливите“, се додава во соопштението.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека милиони луѓе кои се соочуваат со глад ќе ја „платат цената“ на одлуката на Русија да се повлече од договорот за жито со Украина. Во изјава во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, тој нагласи дека потегот на Москва „ќе им нанесе удар насекаде на луѓето кои имаат потреба“.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

„Стотици милиони луѓе се соочуваат со глад, а потрошувачите се соочуваат со глобална криза на трошоците за живот. Тие ќе ја платат цената“, рече Гутереш.

Шефот на ОН додаде дека длабоко жали за одлуката на Русија, но додаде дека таа нема да ги спречи напорите на светската организација да „олесни непречен пристап“ до глобалните пазари на храна и ѓубрива од Украина и Русија.

„Нашата цел мора да продолжи да биде унапредување на глобалната безбедност на храната и глобалната стабилност на цените на храната… Ова ќе остане во фокусот на моите напори, земајќи го предвид порастот на човечкото страдање што неизбежно ќе произлезе од денешната одлука“, рече Гутереш.

Тој изрази жалење што писмото што му го испратил на рускиот претседател Владимир Путин минатата недела со нов предлог за одржување на иницијативата во живот „не било земено предвид“.

Првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, денеска соопшти дека одлуката за раскинување на договорот за жито е конечна.

„Да, одлуката е конечна“, изјави Полјански на новинарите во Њујорк.

На прашањето дали ќе има дополнителни разговори на оваа тема, рускиот дипломат рече: „Колку што знам, нема да има“.

Извор: МИА

- Реклама -