Вашингтон пост: САД ги предупредија сојузниците за планот на Путин уште во октомври 2021, но европските лидери не им веруваа

Париз, 18 август 2022 (МИА) – Вашингтон пост открива дека САД знаеле за рускиот план за инвазија врз Украина неколку месеци пред почетокот на војната, но не успеале да ги убедат земјите-членки на НАТО за неизбежноста на нападот, јави дописникот на МИА.

Можеше ли да се избегне војната? Во октомври 2021 година, Џо Бајден одржува итен состанок во Овалната соба на Белата куќа со неговите воени и дипломатски советници. Шест месеци пред почетокот на руската инвазија на Украина, американските разузнавачи се сигурни дека Владимир Путин подготвува офанзива од големи размери во Украина, наведува Вашингтон пост.

Според весникот Бајден ги предупредил најблиските сојузници на Вашингтон, Франција, Обединетото Кралство и Германија, на крајот на октомври во Рим, за време на самитот на Г-20. Неколку недели подоцна, директорката на американското разузнавање, Аврил Хејнс, ја претставува оваа тема пред неколку земји-членки на НАТО. Но, според Вашингтон пост, реакциите биле скептични.

Француските и германските власти не разбраа зошто Путин ќе се обиде да изврши инвазија и окупација на голема земја со само 80.000 до 90.000 војници, пишува американскиот весник.
Сателитските снимки, исто така, покажаа дека војниците се движат напред-назад од границата.

Само балтичките земји и Британците ги поддржуваат САД во тој момент. Плашејќи се од политичка манипулација по грешките во анализата на Американците во времето на војната во Ирак и за време на падот на Авганистан, Германците и Французите одбиваат да ја потврдат верзијата на Вашингтон.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Според Вашингтон пост, Емануел Макрон и Ангела Меркел не мислеле дека Путин може да направи нешто толку „ирационално“.

Од ноември 2021 до февруари 2022 година, Американците ќе ги зголемат дискусиите зад сцената за да ги алармираат различните европски земји, но и да го зголемат своето присуство на Стариот континент, со пристигнувањето на многу војници во неделите пред почетокот на конфликтот.

Но, и неколку дена пред почетокот на војната, многу Европејци не веруваа во можна инвазија врз Украина. Вклучувајќи ги и Емануел Макрон и неговите советници.

Шефот на француската држава, кој требаше да влезе во својата изборна кампања, ги интензивираше дипломатските средби и телефонски разговори со Владимир Путин. На 20 февруари, по напната размена, тој веруваше дека добил договор од рускиот претседател за исклучителна средба со Џо Бајден. Емануел Бон, дипломатски советник на претседателот на Републиката, дури и танцуваше, според Вашингтон пост.

Освен што од тоа не се случи ништо. Неколку часа откако ја спушти слушалката и му се заблагодари на Емануел Макрон на француски, Владимир Путин официјално призна две сепаратистички републики во источна Украина. Четири дена подоцна е објавена војната.

Прочитајте и: Пендаровски: Од 5 ноември знаевме за инвазијата на Русија, ете колку е важно што сме во НАТО

- Реклама -