Вечерва во 21.00 часот во црквата Св. Софија во склоп на Охридко Лето ќе се одржи концертот „Вечерен ѕвон“- Авторски концерт посветен на 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски.
Гоце Коларовски (5.02.1959, Скопје – 30.11.2006, Скопје) ѝ припаѓа на генерацијата македонски композитори чиешто творечко формирање се одвиваше во условите на постојан подем на професионалното музичко творештво и зацврстување на позициите на македонската национална композиторска школа. Потекнува од познатото семејство Коларовски од Скопје – Драчево, а неговиот дедо Миле Коларовски беше истакнат изведувач на кавал и гајда, еден од основоположниците и долгогодишен член на државниот ансамбл „Танец“. ж
Композиторското образование Гоце Коларовски го стекнал на Факултетот за музичка уметност – Скопје (класа на академик проф. Властимир Николовски) и на Конзерваториумот „Н. А. Римски-Корсаков“ во Санкт-Петербург (Ленинград, класа на проф. Сергеј М. Слонимски). Подоцна, кај Властимир Николовски ги завршува и постдипломските студии, станувајќи прв магистер по композиција на ФМУ – Скопје.
Творештвото на Гоце Коларовски, цврсто потпрено на националната музичка традиција (македонскиот музички фолклор, старото православно пеење), ги одразува и различните текови на современата западна музика: фолклоризмот на Барток и Стравински, но и авангардните постапки низ призмата на полската школа. Во подоцнежниот период особено значење за него добиваат и Веберн и Ајвз – концентрираноста на изразот и рационалноста кај едниот и обемноста и слоевитоста на содржината кај другиот. Специјалниот интерес на Коларовски е насочен кон истражувањето на звукот врз база на феноменот на ѕвоната – воедно и препознатливиот знак на звучниот амбиент на православната традиција. Во композиторскиот опус на Гоце Коларовски, иако не обемен, речиси сите дела претставуваат значаjнa појава и се на репертоарот на музичките уметници и ансамбли во Македонија и други земји. Меѓу нив се Симфонијата, Концертот за оркестар, Концертот за пијано и оркестар, делото „Молитвами“ за симфониски оркестар, композициите за гудачки оркестар, различни камерни состави и солистички инструменти. Прераното заминување на композиторот го остави овој опус отворен, своевиден “unanswered question” (насловот на делото на неговиот омилен Ајвз чијашто тема е цитирана во кантатата „Гласови“ на стихови од Т. Елиот). Поголемиот дел од творештвото на Гоце Коларовски е снимен во МРТ и ставен на носачите на звук издадени од Сојузот на композиторите на Македонија. Во СОКОМ се печатени и неколку негови партитури.
Гоце Коларовски остана во историјата на македонската музичка култура како генеричка личност, промотор на нови идеи, сфаќања и стандарди. Како долгогодишен професор по композиција и група теориски предмети на ФМУ –Скопје, а во два мандата и декан на оваа институција, тој ја поттикнуваше креативноста кај младите со кои штедро ги споделуваше своите знаења и творечка енергија. По негова иницијатива во Македонија се одржаа и првите меѓународни летни школи по композиција. Неговата педагошка дејност се одвиваше на бројни семинари и мастер класи, а беше и поканет професор на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како научник и публицист, тој ги промовираше новите теориски концепти, разработувајќи ги прашањата на современата музика и музичкото образование и претставувајќи ги на бројни научни собири во земјава и странство. Општествената дејност на Гоце Коларовски се одвиваше во Сојузот на композиторите на Македонија каде што повеќе години беше член на претседателството и селектор на манифестацијата „Денови на македонската музика“, придонесувајќи за нејзиниот меѓународен карактер. Гоце Коларовски е добитник на неколку награди и признанија за придонесот во композиторското творештво. Неговата симфониска музика, камерни дела за различни состави, солистички композиции со успех се изведуваат на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и во други земји, секогаш оставајќи траен впечаток со својата длабока мисла, емотивност и композиторско мајсторство.