Велика Британија ќе проверува дали зголемената смртност е поради локдаунот или е последица на коронавирусот

Лондон, 19 август 2022 (МИА) – Британските власти побараа да се спроведе истрага за причините за зголемениот број смртни случаи во земјата, стравувајќи дека повеќе луѓе умираат како последица од „локдаун“-от отколку од самата инфекција со коронавирусот.

Според новообјавените податоци на британската Канцеларија за национална статистика, забележано е дека седмично околу илјада луѓе повеќе од вообичаено умираат од болести што немаат врска со вирусот, пишува лондонски „Телеграф“.

Весникот посочува дека Министерството за здравство и благосостојба на Велика Британија побарало проверка на податоците.

Портпаролката на Министерството појаснува дека повеќето смртни случаи се поврзани со кардиоваскуларни болести и дијабетес.

„Анализата е во тек, но првичната истрага сугерира дека кардиоваскуларните болести и дијабетесот може да бидат делумно одговорни за поголемиот дел од смртните случаи“, рече портпаролката.

Таа уште вели дека најновите податоци ја нагласуваат важноста од активно управување со ризиците од срцеви заболувања, како и постоењето докази за можна превенција на многу од смртните случаи.

Во моментов неделниот биланс смртни случаи поврзани со Ковид во Англија и Велс опаѓа, за прв пат од средината на јуни. За една недела, до 5 август, починале 723 заболени. Тоа е за 11 проценти помалку споредбено со седмицата претходно и прв пад на смртноста последните шест седмици.

- Реклама -