Ветото на Макрон е поради суштински проблем кој ЕУ не може да го реши уште од 2004-та

„Францускиот претседател Емануел Макрон направи „историска грешка“ со ставањето вето на отворањето на преговори за членство во Европската унија со Северна Македонија и Албанија. Ќе беше најдобро да се прифати принципот на отворање на преговорите, а институционалните слабости во овие земји да се корегираат во текот на овие преговори, што веројатно ќе траеше најмалку една декада.“

Овие аргументи, иако се чинат здраворазумни, се поставени на многу сомнителна основа, пишува за „Financial Times“ Заки Лаиди – професор на Институтот за политички науки во Париз. Навистина, француското одбивање на отворањето на преговорите не е поврзано со конкретните оценки за земјите-кандидати, туку со еден многу пофундаментален политички проблем кој Европа е целосно немоќна да го реши уште од 2004 година: продлабочувањето на нејзините механизми за политичка интеграција во замена за проширувањето. Оттаму, француското гледиште е перфектно јасно: Сѐ додека Европа не ги прошири механизмите за политичка интеграција кои се клучни за прогресот во евроинтеграцијата, никакво проширување не би требало да се случи, пишува професорот.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

За да го тргне ветото, Франција би можела да понуди конкретни предлози: да се замени едногласното одлучување со консензус (согласност од сите членки) со одлучување со квалификувано мнозинство, во две клучни области – надворешната политика и оданочувањето. Штом овие два услова се исполнети, веќе нема да има причина да не продолжи процесот на проширување, додека истовремено ЕУ би останала претпазлива, како во случајот со Турција, за која никој не очекува да стане членка на ЕУ, иако преговорите се отворени.

Европа е волунтаристичка политичка конструкција, а не институција наменета за унапредување на пријателството меѓу народите. Токму поради тоа што ова не е сфатено, таа денес се наоѓа во ќорсокак.

 

- Реклама -