Ви недостига инспирација? 10-годишник роден без раце, свири на труба

Една американска поговорка вели: „Зошто бумбарите летаат? Бидејќи никој не им кажал дека не можат“. Случајно или не, ќе го видите Џамир Валас во црно-жолта маичка, но главното што го поврзува со оваа изрека е неговата желба да свири труба.

KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

Доаѓа од Њу Џерси, има 10 години и е роден без раце. Неговата сестра свири пијано, па гледајќи ја, Џамир добил инспирација и тој да се бави со музика.

Прв пат пробал да свири во септември, минатата година, а неговата напорна работа дефинитивно се исплати – кулминацијата е неговиот настап на годишната зимска приредба заедно со неговите соученици од основното училиште.

Голема заслуга има неговата наставничка по музика, која заедно со една локална продавница за музичка опрема, се погрижи да изработат специјален сталак за трубата на Џамир. Бидејќи нема раце, сталакот е дизајниран за храбриот 10-годишник да може да ги користи прстите на нозете, метод преку кој Џамир веќе ја има совладано гитарата.

Детето кое во лексиконот ќе го најдете под поимот „инспирација“, вели дека кога прв пат ја пробал трубата, се почувствувал како сите делчиња од сложувалката да се наредиле на своето место. „Бев многу возбуден. Се чувствував како – О човеку, ова е правото нешто за мене“.

До сите што размислуваат да почнат со некој инструмент, Џамир порачува: „Само напред и обидете се. Никогаш не се знае“. А се обложуваме дека неговата порака не се однесува само на музиката.

 

- Реклама -