Американскиот претседател нагласи дека федералните и локалните власти ќе работат додека не се расчистат урнатините и додека не се обноват сите уништени објекти и бизниси
Бројот на загинати од ураганот Хелен достигна 100 лица откако стихијата викендов погоди повеќе американски сојузни држави, вклучувајќи ги Флорида, Џорџија, Тенеси, Северна и Јужна Каролина. Претседателот на САД, Џо Бајден, одобрил барања на гувернерите на тие држави за прогласување на вонредна состојба.
Повеќе од половина од жртвите биле пријавени во Северна и Јужна Каролина, каде што до 11 часот наутро по локално време биле потврдени 42 смртни случаи, јавија дел од американските медиуми.
Како што изјави Бајден, повеќе од 600 лица се водат како исчезнати.
„Ако даде Господ, тие треба да се живи, но нема начин да ги контактираме“,
рече Бајден, посочувајќи на недостигот од врски во мобилната мрежа во погодените подрачја.
Меѓу загинатите е и заменик-шерифот на округот Мејкон откако бил однесен од бурата.
Американскиот претседател нагласи дека федералните и локалните власти ќе работат додека не се расчистат урнатините и додека не се обноват сите уништени објекти и бизниси.
Во Северна Каролина, видео снимено од членот на Градскиот совет на Шарлот, Тарик Бохари, покажува „постапокалиптична“ сцена на градот Лејк Лур, откако поплавите го разорија тој регион.
Heartbreaking….😢 pic.twitter.com/Kq0X99Y9Hl
— Diane 🇺🇸 America First (@Lowcountry1Girl) September 29, 2024
Гувернерот на државата Рој Купер, предвидува дека бројот на жртвите ќе се зголеми додека спасувачите и другите работници за вонредни ситуации стигнуваат до изолирани подрачја поради уништенита патишта, оштетената инфраструктура и огромните поплави.