Доналд Трамп се враќа во Белата куќа и тоа на „голема врата“ по убедливата победа на претседателските избори. Целиот свет, кој ги очекуваше резултатите, сега ги поставува прашањата што може да се очекува и што ќе донесе вториот мандат на Доналд Трамп како шеф на најмоќната држава. За тоа што значи неговиот реизбор за Западниот Балкан и земјава разговаравме со двајца поранешни министри за надворешни работи
Првото прашање кое им го поставивме на Антонио Милошоски и Бујар Османи беше дали регионот треба да биде задоволен или да стравува по победата на Доналд Трамп и каква политика треба да очекуваме кон овој дел од светот?
„Сметам дека нема потреба од стравување затоа што и Европа и нашиот регион веќе имаат одредено искуство со мандатот на претседателот Трамп. Овој пат сметам дека и земјите на европскиот континент, но и самиот претседател Трамп и неговиот тим се подобро подготвени за меѓусебна соработка. Ќе зависи многу од тоа кој ќе биде во неговиот тим, кој ќе ја предводи надворешната политика и согласно тоа можеби колку внимание ќе ни биде посветено“,
изјави Антонио Милошоски.
„Мислам дека тоа ќе зависи од односот на претседателот Трамп кон НАТО што директно или индиректно ќе се рефлектира врз нашата безбедност и второ, американското вклучување во регионот. Сме виделе нијанси на нивно вклучување иако генерално немало голема разлика. На пример, јас сум бил вицепремир за европски прашања во време на Трамп и министер за надворешни работи за време на Бајден. Можам да кажам од тие слични позиции не сум почувствувал разлика во ангажираноста американска, еве, барем за нас и во регионот. Јас мислам дека овој мандат на трамп ќе биде поразличен од првиот и поради институционалното искуство и меморија што е создадена тогаш. Мислам дека се добива впечаток во јавноста дека нема јасна мисла во политиките на Трамп, меѓутоа ако се разглоби ќе се види дека тој се натпреваруваше на три политики, на три теми, со кои најмногу ја сензибилизираше јавноста: инфлација, миграција и интернационална политика – трите И што ги имаше иако можеби начинот на кој тоа го претставуваше во јавноста изгледаше како да е недоволо интелектуализирано или изгледа како зборува за било кој теми. Но, јасно ако одите во анализа на неговите ставови, тие три теми ги имаше во кампањата и тоа значи дека ќе бидат во фокусот на неговиот мандат. Мислам дека американската држава има создадено бафер механизми за дневните политички ставови се менаџираат односно се баферираат, ако може така да кажам, додека стигнат до помалите региони или држави како кај нас. Така што, да кажам дека не очекувам некаква разлика бидејќи оставува стратешката американска политика во однос на регионот“,
вели Бујар Османи.
Кога се зборува за пристапот што ќе го има идната американска администрација неизбежна тема е и идејата од претходниот претседателски мандат на Трамп за размена на територии меѓу Србија и Косово што де факто значи промена на граници. Треба ли да очекуваме обновување на таа идеја и колку е таа ризична за стабилноста на целиот регион, вклучувајќи ја и земјава – беше следното прашање до ексшефовите на дипломатијата?
„Видете, јас мислам дека политиките на Трамп се повеќе можеби кон билатерален пристап отколку мултилатерален пристап. Повеќе трансакциони резултати сега отколку дипломатија до бесконечност. Тоа зависи од карактерот, од политиките и пристапот, но има една јасна дистинкција во тој пристап – билатерализација наспоти мултилатеризација и резултати сега наместо бесконечни разговори. И односот Косово – Србија мислам дека дава неколку пораки. Прво, директното вклучување на Трамп во решавање на тој спор е добар знак бидејќи полесниот начин е едноставно да се повлече американската администрација од решавање на спорот, па да се остават регионалните динамики тоа да го решат или само Европската Унија. Фактот дека се ангажираше е добар знак и треба да продолжи да се ангажира. Дали тоа беше план за размена на територии или беше демаркација на границите помеѓу Косово и Србија кои се нејасно демаркирани сега и по 1999 година, не можам да кажам. Тоа останува на косовски институции да решаваат, меѓутоа сметам дека статусквото не им одговара на Албанците во Косово, не ѝ одговара на Србија, ниту му одговара на регионот. Така што, сметам дека едно ангажирање на Трамп како што беше претходно, не зборувам за кое решение – дали таа демаркација, дали едноставно фокус на економските прашања ќе зависи од институциите, но за нас е важно да се затвори прашањето. Колку повеќе стои отворено тоа прашање, е товар за нас како држава и за нашата стабилност“,
е позицијата на Османи.
„Неговиот близок соработник Ричард Гренел беше пратеник во српско-косовското прашање. Сметам дека вложи големи напори и има добро познавање на таа ситуација, не верувам дека би оделе на варијанта за било каква размена на територии, но може да се засили притисокот за формирање на заедница на срспки општини во Косово и тоа да биде дел од некое решение. Јас очекувам доколку Гренел добие посериозна задача во тимот на Трамп, тоа позитивно да се одрази во затворање на ова српско-косовско прашање со взаемна согласност на владите во Белград и Приштина. Не верувам дека би оделе на варијанта која ќе излезе од рамките на конвенционално решавање на одредени спорови во регионот посебно поврзани со Србија и Косово, но може дополнително да притиснат во рамките на ЕУ, европската перспектива да биде пореална и за Косово и за Србија и да помогне во решавањето на ова прашање“,
смета Милошоски.
Во изминатите месеци откако новата македонска влада стапи на должност, премиерот Мицкоски и неколку министри, во неколку наврати се сретнаа со луѓе од првиот круг на Доналд Трамп. Што значат за земјава воспоставените контакти на Владата Мицкоски со лица кои може да заземат високи позиции во идната администрација?
„Сметам дека е добро што премиерот Мицкоски и министерот Муцунски и други соработници во оваа влада вложија напори навремено и пред изборите да воспостават комуникација со одредени луѓе од тимот на претседателот Трамп за да може да имаат некои лични односи за да има поголема доверба во соработката. Тоа може да биде корисно за Макеоднија како држава, но и за заеднички проекти кои можеме заеднички да ги сработиме со Америка. Од она што сум брифиран знам дека дел од овие луѓе, особено Хауард Лутник и Ричард Гренел разговарале со премиерот Мицкоски за одредени проекти од заемен интерес во областа на енергетика, економија и дигитализација и тоа може многу да ни помогне. Сметам дека ваквиот начин во инвестирање на однос и партнерство со битни луѓе во американската политика е добар потег од македонската влада“,
вели Милошоски кој доаѓа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„И Ахмети се сретна, ако мислите на Гренел. Гренел е добар познавач на приликите овде има и лични контакти и е запознаен со политиките и околностите овде и мислам дека тоа е добро. Бидејќи кога имате човек во блиското опкржување на Трамп којшто ги знае приликите, тоа значи поголем директен ангажман овде, а нас ни е важно директното американско инвестирање, бидејќи знаете во политиката вакуум нема. Ако нема американско, ќе има нечие друго, а не мислам дека било кое друго е поповолно за нас од американското. Така што, фактот што и премиерот и Ахмети се сретнаа со Гренел, а Гренел е во блиското опкружување, е добро за нас. Сметам дека треба повеќе американско ангажирање по однос на еве и последното прашање со Бугарија и ЕУ и тоа се разбзира може да биде додадена вредност“,
е одговорот на Османи.
Последното прашање до моите соговорници беше дали и колку новата американска администрација може да се вклучи во деблокирање на македонските евроинтеграции?
„Мислам дека да, поради тој поинаков начин на пристапување кон меѓународната политика на претседателот Трамп и неговата админситрација. Мислам дека е доволно во оваа фаза Америка да биде тој гаранторот на дилемите овде, дали е ова последно барање или не. Тоа што го направи на пример германскиот Бундестаг во однос на идентитеските прашања. Доколку претседателот Трамп и Америка се вклучи директно и формално во гарантирањето на процесот, мислам дека може да се создаде една порелаксирана атмосфера овде за да се влезе во тој поадминистративен дел на членството во ЕУ“,
смета Османи.
„Зависи од тоа кој ќе биде државен секретар во Америка, доколку биде Ричард Гренел или некој кој што го има неговиот профил тогаш може вниманието на регионот Западен Балкан да биде поголемо. Доколку биде поранешниот американски амбасадор во Токио, Јапонија , тогаш фокусот ќе биде Индија , Кина, Австралија, Тајва и тој регион. Но во секој случај сметам дека Америка во многу нешто , вклучително и овде по однос на евроинтеграциите ќе побара од самата Европа да биде поактивна во својот двор. И по однос на Украина и по однос на Западниот Балкан и по однос на многу други работи кои се поврзани со Брисел“,
е ставот на Милошоски.