Со првото стапнување на теренот на ЛА Галакси, Ибра стана американска сензација за помалку од 15 минути. И нормално, прашање на време беше кога ќе се појави во шоуто на Џими Кимел.
Ете, бидна, а Кимел имаше еден куп интересни прашања. Го почнаа муабетот со рекламата што Ибра си ја порачал во весник: На две страни во средината на весникот стои „Драг Лос Анџелес, нема на што“, а доле негов потпис. На прашањето како стигнал во ЛА, Ибра вели дека долго време сакал да им даде подарок. На крај решил да им се даде себе.
Потоа муабетот се сврте кон шведското потекло и бројните надимаци на Златан, и што тој мисли за нив.
„Не сум баш шведски тип. Не сум фин како нив… Не сум типичен Швеѓанец, но ја поставив Шведска на мапата, така што…“.
Околу надимаците, тој спомна два – надимакот на „балкански јазик“, и шведскиот.
„На балкански јазик моето име значи ‘злато’, така што ми се допаѓа. Во Шведска имаа проблеми кога го изговараа моето презиме, па често ме викаа Ибла, што значи ‘лав’. Тоа исто така ми се допаѓа“, вели насмеаниот Ибрахимовиќ.
Тој рече и дека е по малку изненаден што во САД владее толку голема еуфорија кога е во прашање фудбалот, нешто што претходно никој не му го кажал (можеби зашто еуфоријата ја прави Златан, којзнае).
„Каде и да играв во Европа беше навистина лудо и забавно. Фудбалот е нешто огромно во Европа. Сите ми велеа дека во Лос Анџелес ќе можам нормално да одам по улица и дека нема да биде како во Европа, ама погрешија. Овде исто така е лудо“.
На крајот, Златан им се извини на сите навивачи на другите спортови за тоа што го одбрал фудбалот, а потоа доби и прашање за настапот на Светското првенство во Русија.
„Да, одам на Светско. Не би било тоа-тоа без мене“. Додуша не нагласи дали ќе оди во улога на фудбалер, или како навивач.