Центарот на Бахмут денес изгледа како целосно уништен град, една година по завршувањето на една од најкрвавите битки во војната во Украина. Украинскиот новинар Илија Пономаренко објави снимка од разурнатиот град, опишувајќи го како „Верден на нашето време“ и симбол на невидено уништување. Тој потсети дека пред војната, Бахмут бил развиен град со над 70 илјади жители, познат по своите фонтани, производството на сол и пенливо вино, како и по кафулињата, рестораните и уредените улици.
„Сега нема ништо освен смрт, урнатини и празнина,“ напиша Пономаренко. Битката за Бахмут беше една од најдолгите и најсмртоносните воени операции по почетокот на руската инвазија врз Украина. Со месеци се водеа жестоки улични и рововски борби, кои воените аналитичари често ги споредуваа со битките во Верден и Сталинград. Главната улога во рускиот напад ја имаше платеничката група „Вагнер“, предводена од Евгениј Пригожин.
Руските сили применуваа тактика на целосно уништување, разурнувајќи станбени населби и цивилна инфраструктура. По речиси десет месеци борби, Бахмут во мај 2023 година целосно падна под руска контрола. На крајот од битката, од предвоените 70 илјади жители, во градот останаа само неколку цивили кои преживуваа во подруми без струја, вода и греење.




