„Македонската литература изобилува со дела, знајни и незнајни, родољубиви и љубовни, преполни со чувства изворни токму од македонскиот народ. Преку делата, денес дознаваме многу за животот во минатото, за убавите мигови на нашиот народ, но и за лошите… А, можеби најдраго ни е кога преку македонската литература дознаваме како се создаваше и растеше Македонија низ вековите. Борбата за опстој е најпрепознатлива за македонскиот народ. Токму сега, во времиња кога сме соочени со зачувување на нашето наследство, ‘Македонски Збор’ започна да создава оставнина за идните генерации“, велат од иницијативата составена од неколку ентузијасти кои поведени од љубовта кон Македонија и почитта кон пишаниот македонски збор се обидуваат на свој начин да придонесат за македонската историја и иднина, по повод нивното ново видео инспирирано од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.
Како и претходните, и оваа видео содржина е создадена со гласовна интерпретација на делото, во комбинација со графички дизајн на македонскиот карикатурист познат под псевдонимот „Седо Перо“.
Велика е горда македонска жена, мажена за Јон кој што заминува да се бори на фронтот и ја остава сама со петте деца – Ангеле, Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан. Сите ѝ умираат на раце. Сите ги испраќа во смрт, сама без никого, олицетворувајќи ја маката и силата на македонската жена во војните. Маестралниот Петре М. Андреевски во „Пиреј“ ни го претставува проклетството на Македонецот кој никогаш не потклекнал. Затоа што Македонецот е пиреј, ниедна војска не го убива, ниедна неправда не го колеба, посочуваат од „Македонски Збор“.
„Мајка раѓа, не дај Боже мајка да испрати! Со крв, во болест, во немаштија, во војни! Многу Македонци отидоа, повеќе Македонци се родија! По Ѕвездан се роди Роден. Се роди надеж, светлост, се роди род!“, гласи нивната порака.
„Пиреј“ е осмото видео на „Македонски Збор“. Останатите можете да ги погледнете на нивниот Јутјуб канал, ТУКА. „Македонски Збор“ можете да го најдете и следите и на социјалните мрежи Facebook, Instagram и Twitter.