Потпретседателот и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 4 – Александар Николоски, денеска го посети Валандово и валандовскиот регион и притоа оствари неформална средба со поранешниот претседател на државата – Ѓорге Иванов.
Како што соопшти Николоски споделувајќи видео од средбата, двајцата разговарале за иднината на земјата и притоа ја добил целосната поддршка на Иванов, кого го опиша како најчесниот и најискрен Претседател што Македонија го имала:
„Денес сум горд што добив поддршка од Претседателот Ѓорге Иванов. Претседателот Иванов, мојот професор од студентските денови од кого научив многу за политиката која сега ја применувам, е најчесниот и најискрен Претседател кого Македонија го имала. Далеку најголем патриот на чело на државата. Човек кој се спротистави на националното обезличување на Македонија. Неговата визија и совети се од голема помош за мене во оваа кампања. Денес во неговото родно Валандово разговараме за иднината на Македонија. Ќе ја направиме економски силна, а народот национално горд. Заедно ќе победиме во четворката и во цела Македонија!“, напиша Николоски.