Мини еклерчиња полнети со солен фил од урда и ајвар. Не само што се вкусни, туку и многу декоративни!
Подготовка
Чекор 1: Во лонецот ставете да зовријат маслото, водата и солта. Кога ќе зовријат додадете го брашното, промешајте и тргнете го на страна. Во садот едно по едно додавајте ги јајцата и матете за убаво да се соединат.
Чекор 2: Со шприцот за колачи, или со мало лажиче, правете форми од тестото и редете ги во тавата. Печете ги во загреана рерна на 200 степени 5 минути, потоа уште 15 минути на 180 степени. За време на печењето не ја отварајте вратата од рерната. Кога ќе бидат готови, оставете ги да се оладат.
Чекор 3: Во сад за матење ставете урда, ајвар, буковец, павлака и рендан кашкавал и мешајте убаво да се соединат. За попикантен вкус употребете лут ајвар и буковец.
Чекор 4: Пресечете ги еклерите на половина, полнете ги со филот, ставете магдонос и затворете ги. Потоа сервирајте ги на чинија.
СОВЕТ: Овој рецепт е ефтин и не одзема премногу време за подготовка, а е многу вкусен и декоративен, одличен за семејните прослави. Нам ни излегоа 40-тина еклерчиња.