Сиднеј ја дочекува новата година со солзи и надеж
Сиднеј денеска влезе во 2026 година со традиционален, величествен огномет, но под строги безбедносни мерки, само две недели по трагичниот настан за време на прославата на Ханука, кога загинаа 15 лица. Во 23 часот по локално време, организаторите одржаа минута молк во чест на жртвите. Познатиот Харбор мост беше осветлен во бела боја, а на неговите пилони беше проектирана менора – симбол на јудаизмот.
Градоначалничката на Сиднеј, Кловер Мур, изјави дека по трагичниот крај на минатата година, новогодишниот дочек треба да биде време на обединување и надеж за мирна и среќна наредна година. Нападот се случи на 14 декември, кога вооружени напаѓачи – татко и син – убија 15 луѓе, во најтешкото масовно убиство во Австралија во последните три децении, што ја шокираше јавноста и создаде страв од пораст на антисемитизмот во земјата.
Како мерка на безбедност, традиционалните прослави на плажата Бонди годинава се одржаа во значително поскромен формат, а неколку новогодишни настани беа откажани. За време на главниот дочек, кој секогаш привлекува повеќе од милион посетители, во градот беа распоредени околу 3.000 полицајци, од кои дел со автоматско оружје.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, нагласи дека општеството мора да покаже пркос кон ваквите злосторства и да испрати силна порака – тероризмот не може да ги заплаши граѓаните ниту да влијае на начинот на живот во градот.




