Македонскиот филм „Хомо“ (2020) година, во режија на Игор Иванов Изи, по долгото патување на филмските фестивали и освоени девет меѓународни награди, ќе ја има својата телевизиска премиера в недела во 22.15 часот на телевизијата Телма.
Трејлерот за филмот можете да го видите овде.
„Приказната за шест човечки суштества прогонети од искушенија, ниски страсти, несносливи околности и нивната „среќа“ да се пронајдат некаде меѓу лавиринтите на урбаното секојдневие во третиот игран филм на Иванов ни носи зрело синеастичко остварување кое од повеќе причини ќе стане референтно во домашната кинематографија. Предностите на најновиот филм на Игор Иванов-Изи во однос на голем дел од „амбициозните“ филмови е пред сè во фактот дека постоечката реалност што тој ја верификува воскреснува пред нас во сето изобилство на својата нефалсификувана стварност. Погледот кон животот и светот на Иванов, кој го пренесува и во претходните два долгометражни филма („Превртено“, „Соба со пијано“), а главно го одредуваат двете доминантни теми на љубовта и смртта, едната негација на другата, не треба да се гледа како продолжение во „Хомо“ туку како проширување на оваа развојна линија која и формално и содржински е збогатена. Оригиналноста и зрелата експресивност не го нарушуваат концептуалното единство на филмот.“, (од рецензијата на Ана Василевска)
Камерата на кинематограферката Маја Радошевиќ потполно се вклопува во објективниот план на режијата успевајќи да се поистовети со сите ликови на приказната и со особено чувство за драмската содржина и нејзиниот исход. И бидејќи филмот е машина во која и најмалото шрафче има голема улога, за пофалба е сценографијата на Кирил Спасески, костимографијата на Полонца Валентинчиќ и сложена, но успешно завршената задача во монтажата на Мартин Иванов.
Продукцијата на „Скопје филм студио“ поддржана од нашата Агенција за филм обединува регионална копродукција со Србија, Косово, Бугарија и Словенија уште еднаш покажува успешна функционалност во соработката.
„За жителите на Берлин секако Вендерсовиот „Небо над Берлин“ ќе остане слика на алхемискиот дух на градот додека „Хомо“ секако може тоа да биде за Скопје. Поетиката на човекот љубов е за надежта што се губи или, пак, за далекувидите почнува во перспективата на скопските улици и потсетува на стихот од Ристо Вртев „…без љубов знам ќе те проголта овој град без гордост и без срам, ќе останеш без дела за вреднување, ќе останеш без моќ и магија…“. Едно е сигурно, „Хомо“, оваа урбана филозофска драма, е достојно дело за вреднување.“
Превземено од „https://novatv.mk/video-tv-premiera-na-homo-na-igor-ivanov-izi-lubov-kade-shto-najmalku-ochekuvash-da-ja-najdesh“