Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, го призна поразот на парламентарните избори, оценувајќи дека резултатите се „болни, но јасни“. Во своето обраќање, Орбан нагласи дека одговорноста и можноста за владеење овој пат не им биле доверени, додавајќи дека веќе ѝ честитал на победничката партија.
„Резултатите сè уште не се целосно завршени, но се болни за нас и јасни. Му честитам на победникот. Ви благодарам на сите за напорната работа. Никогаш не сме вложиле толку многу во една кампања“, изјави Орбан.
Тој истакна дека Фидес успеал да мобилизира околу два и пол милиони гласачи, но тоа не било доволно за да се постигне победа. Орбан порача дека неговата партија ќе продолжи да ѝ служи на државата од опозиција, нагласувајќи дека времето ќе покаже какво значење ќе има овој изборен резултат за иднината на земјата.
„Ние, како опозиција, ќе ѝ служиме на нашата татковина и на унгарскиот народ“, рече Орбан, означувајќи почеток на нова политичка фаза во Унгарија.




