Виена и Централниот завод за метеорологија и геодинамика (ZAMG) ќе опремат 1.200 семафори со 10.000 сензори за следење на временските прилики и околината. Благодарение на системот „Big Data Analytics“, овие податоци ќе овозможат повеќенаменска употреба.
На пример, со помош на овие податоци, ќе може интелигентно да се управува сообраќајот во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, со оглед дека кочењето и забрзувањето произведуваат значително повеќе штетни материи отколку сообраќајот во нормален проток.
Семафорите се идеални места за поставување на квалитетни мерни инструменти и мерна мрежа за добивање податоци за околината од неколку причини: имаат постојан доток на струја и интернет врска, а се наоѓаат и непосредно во животниот простор на граѓаните.
Виена планира да ги опреми сите семафори со сензори чии податоци моментално ќе се обработуваат онлајн. Во првата фаза сензорите ќе мерат температура и влажност на воздухот, а во следната фаза ќе мерат и азотни оксиди, сулфур, ама и бучава.