Викенд-програмата на 15-то издание на „МакеДокс“ ги активира сите пет фестивалски локации. Во објектот Куршумли ан и на платото пред Музеј на Македонија се прикажуваат филмови од главната и краткометражната програма, во Сули ан се прикажува програмата на балканските кинотеки и студентските филмови, во МКЦ се одвива програмата за деца и млади, додека во „Лабораториум“ на 18 август, во 11 часот претпладне, ќе се одржи Мастерклас со Инеке Смитс и Јероен Стаут со наслов „Звуци и слики од втора рака“.
Филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут со присутните ќе споделат како се запознале, нешто повеќе за својата заедничка љубов за луди земји, за својата соработка на филм и радио и за реупотребата на архивски звуци и слики. Во текот на предавањето ќе прикажат и инсерти од своите досегашни филмски и радио проекти.
Во Куршумли ан на 16 август беше отворена програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“. Привилегијата да ја отвори програмата ја имаше македонската Кинотека со филмови од нејзината архива. По тој повод како специјални гости на настанот беа поканети филмологот Илинденка Петрушева, една од основачите на Кинотеката на Македонија, и професорот по економски науки Љубомир Кекеновски. На настанот присуствуваа и дел од актуелната екипа вработени во Кинотеката.
Филмологот Илинденка Петрушева со низа детали и интересни сеќавања зборуваше за потребата да биде основана установа која ќе го собира, ќе се грижи и ќе го чува филмското богатство на државата. Таа истакна дека Македонија прва во однос на другите тогашни југословенски републики успеала да ја основа својата Кинотека во 1974 година, а истата почнала со работа во 1976 година, кога за прв директор бил именуван Ацо Петровски, филмски работник од Скопје. Во своето обраќање пред присутните професорот Љубомир Кекеновски изложи повеќе аспекти на значењето на филмското богатство што се чува во Кинотеката.
Програмата „Регион во фокус: Балкански кинотеки“ на 17 август содржи архивски материјали на Словенечката кинотека, со три филма на Карпо Година, и на Југословенската кинотека, додека на 18 август ќе бидат претставени Хрватскиот државен архив и Бугарскиот национален филмски архив.
Во главната програма на 18 август, во 21 часот, во Куршумли ан ќе биде прикажан документарниот филм „Архитектон“ (Германија, Франција, САД / 2024 / 98 мин.) на Виктор Косаковски. Станува збор за видеоесеј што ја промислува поврзаноста на човештвото со природата. Косаковски го користи пејзажниот дизајн на италијанскиот архитект Мишел де Лучи и преку кругот се осврнува на историјата и нејзините цивилизации, од 60-тата година по Христа до 2023 година, додека минатото и иднината се судруваат во фасцинантни кадри.
На платото пред Музеј на Македонија, на 18 август, во 20.30 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Сјајот на ѕвездата“ на Марија Џиџева. Шабан Сејдиу е борач, шампион, четирикратен олимпиец. Тој е еден од најголемите и најуспешни спортисти во Македонија. Филмот е спортска приказна што ни го покажува патот на едно мало дете од Скопје, кое го освојува светот со својата целосна посветеност на борењето.
Во објектот Сули ан, на 18 август, во терминот од 22.30 часот, ќе бидат прикажани студентските филмови „Танцување со Камара“ на Сандра Ѓорѓиева, „Во минување“ на Луција Бркиќ и „Животот на даската“ на Леона Јариќ.
Под смоквата во Куршумли ан веќе почнаа да се одржуваат сесиите разговори со филмските автори кои се гости на фестивалот „МакеДокс“. Сесиите се отворени за јавноста и може да присуствуваат сите кои се заинтересирани да дознаат какви се патиштата за реализација на еден креативен документарен филм – од идеја до снимање, монтажа, постпродукција, премиера и дистрибуција споделени лично од филмските автори.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), на Фејсбук, Инстаграм, дневните видеохроники се на профилот на „МакеДокс“ на Ју тјуб, а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Петнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.
Медиумски покровители на „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Трн.мк и Култура Бета.