Виљареал потпиша шестгодишен договор со бразилскиот голман Луис Жуниор, член на португалскиот клуб Фамаликао, објави во вторникот шпанскиот прволигаш.
Иако финансиските детали од договорот не се обелоденети, шпанските медиуми пренесуваат дека Виљареал за 23-годишниот Бразилец платил околу 12 милиони евра.
„Со импресивни 1,93 метри височина, тој е брз меѓу стативите, способен да доминира во воздушните дуели и има одлични рефлекси – сето тоа го прави многу талентиран голман со голема иднина“, се вели во соопштението на Виљареал.
Луис Жуниор има 140 настапи за Фамаликао откако се приклучи на нивната академија на 18-годишна возраст. Тој во Виљареал ќе го замени Филип Јоргенсен, кој минатиот месец се пресели во Челзи.
Виљареал во петокот патува за Севиља во лигата, откако во првото коло дома ремизираше 2:2 против Атлетико Мадрид.