Вискито што се прави со вистински човечки палец

Во Dawson City, крај реката Јукон на северот на Канада, постои бар во кој можеш да нарачаш виски со шмек на вистински, дехидриран отсечен човечки прст. Од каде таков шмек? Од вистинскиот, дехидриран, отсечен човечки палец што ќе ти го послужат во чашата со виски.

Пијалокот, или подобро речено – ритуалот, е познат како „Sourtoe Cocktail”, и постои од пред 40 години. Ако сте посетител на Dawson City и сакате локалните да ве дружат, ова ви е како приемен испит за во друштвото.

Приказната датира од 1920-тите, кога криумчарите на рум Луи Линкен и брат му Ото налетале на ужасна снежна вејавица. На Луи му замрзнал палецот, а за да спречи гангрена, брат му морал да му го отсече. Како и многу други ампутирани прсти низ историјава на планетава, и овој завршил во тегла со алкохол, како спомен. 50 години подоцна, теглата ја нашол локалец викан Капетан Дик Стивенсон, додека чистел една шумска кабина. Го вратил палецот во градот, каде ете, под чудни околности, завршил како основна состојка на уникатниот „Sourtoe“ коктел.

Досега Sourdough Saloon – кој го служи вискито, има сменето барем 8 различни палци, донирани од лојални гости и волонтери. Сите овие палци се исчезнати – некои се украдени, а други голтнати по грешка (ewww, нели). Првиот (оригиналниот) палец бил голтнат случајно, во 1980 година – рудар го голтнал додека ја пиел својата 13-та чаша Sourtoe виски. Последниот палец беше украден, и тоа во јуни годинава.

Прочитајте и:  По најавата за царини, Канада го потсети Трамп дека земјата има „суштинска улога во снабдување на САД со енергетски ресурси“

Порано, во тие денови, не било невообичаено учесникот во „ритуалот“ да го „испие“ целиот палец во устата и пак да го плукне. Така и бил проголтан, веројатно. Денес правилата се сменети, а секој што ќе го голтне палецот – случајно или намерно, ќе треба да плати казна. Сега сигурно си мислите: 1) Зар не е доволна казна случајно да голтнеш ампутиран, црн, мумифициран, човечки прст?, и 2) Зарем има некој што би го голтнал намерно? Првото прашање ви е на место. Второто има конкретен одговор.

Имено, во 2013-та, човек влегол во салунот, порачал Sourtoe Cocktail, го голтнал палецот, ја платил казната од 500 долари со однапред спремни пари, и мртов ладен го напуштил локалот. Оттогаш казната е подигната на 2.500 долари.

Ако немате желба да ја крадете или голтате клучната состојка на вискито, а сепак сте авантурист и сакате да бидете дел од Sourtoe Cocktail Club-от, правилата се јасни: при пиење на вискито, мора да дозволите палецот да ви допре до усните. Сите што успешно ќе го комплетираат предизвикот, добиваат сертификат…

- Реклама -