Во Грција, освен во неколку области на северот и централниот дел, како и во регионот на Тесалија, владеат услови на суша. Ова е резултат на високите температури и недостатокот на дожд во изминатиот месец, како што известува порталот Метео на Националната опсерваторија во Атина, јавува дописничката на МИА од Атина.
Според податоците за влажноста на почвата од Коперник на Европската Унија, значителен дел од Крит, Пелопонез, источниот дел на Македонија, Тракија и Лезбос се соочуваат со интензивна или екстремна суша (нива четири и пет).
Делчиња од Атика, Евија, централна Грција и Епир, исто така, се наоѓаат во состојба на умерена или значителна суша (нива два и три).
Поради исклучително високите температури и малките количини на дожд во јули, речиси целата земја се наоѓа во повисок степен на суша за оваа сезона, во споредба со почетокот на претходниот месец, наведува анализата на Метео.
Проценките за состојбите со суша се темелат на влажноста на почвата во слојот помеѓу 28 и 100 сантиметри под површината, а количината на вода во овој слој е клучна за растот и приносот на различни земјоделски култури.




