Високите цени го претворија медот во луксуз

Од година во година цената на медот во државава е во континуиран пораст и сѐ помалку граѓани можат да го набават во потребните количини. A како што се движат цените, се чини ова слатко задоволство се помалку граѓани ќе го уживаат бидејќи се претвори во вистински луксуз, вели загрижен жител на Кичево.

Потрошувачите се повеќе разочарани поради високите цени, бидејќи како што велат, платите и пензиите остануваат исти додека цените на медот се повисоки.

„Поради возраста болестите се гомилаат и повеќе од потребно е редовно да се консумира мед во помали количини или да се става во чај. Но кога ќе прашате колкава е цената на тегла мед, одма ќе ви се прејаде, бидејќи со овие пензии не можеме да купиме мед за проба, а камоли за редовно консумирање“, вели Томе Велјаноски, пензионер.

Потрошувачите гневни од се повисоките цени на медот која се движи од 500 до 700 денари за тегла од 600 грама, но производителите на мед имаат свое оправдување.

„Тој што не одгледувал пчели не знае какви се нашите проблеми. Изминатите неколку години повеќе пари потрошивме за лекарства и третман на пчелите отколку што заработивме, бидејќи количините на мед беа минимални а нашите трошоци сѐ поголеми. Затоа цената на медот мора да биде повисока, за и ние пчеларите нешто да заработиме“, вели Миле Стојкоски, пчелар.

Неговиот колега Владо Пејоски додава дека поради зголеменото загадување и глобалното затоплување, често се случува и угинување на пчелни семејства што за нив е ненадоместлива загуба.

„Можеби на прв поглед се чини дека пчеларството е профитабилна гранка. Но јас ви тврдам дека оваа гранка е поврзана со многу ризици. Сѐ повеќе пчелите се подложни на болести кои треба да се третираат со лекарства кои воопшто не се евтини. Поради зголеменото загадување и глобалното затоплување, често се случува и угинување на пчелни семејства, што за нас е ненадоместлива загуба. Ние вистинските пчелари никогаш целиот мед не го земаме од сандаците, туку еден добар дел им го оставаме на пчелите за прихрана и за подобрување на отпорноста кон болести и затоа количините на медот за продажба се помали од она што се добива. Затоа медот мора да биде поскап, поготово оној што го произведуваат вистинските пчелари, без никакви примеси и хемикалии“, вели Пејоски.

Граѓаните прогнозираат дека во иднина цената на тегла мед ќе достигне 1.000 денари.

- Реклама -