Вистинската приказна зад Midnight Express: Човекот што лежеше доживотна во Турција за шверц на дрога

Бред Дејвис во улога на Били Хејс, во сцена од „Midnight Express“.

Како што и самиот признава, Били Хејс ја раскажува истата „срање приказна“ веќе 40 години. Ама приказната е добра, а и Хејс добро ја раскажува. Денес има 70 години, а раскажувањето на својата сторија му е како дневна рутина, како јога… или како хашиш.

А неговата приказна стана позната благодарение на култниот филм на Оливер Стоун (сценарио) од 1978 година – „Midnight Express“. Во филмот игра Бред Дејвис, кој глуми млад Американец фатен во Турција во 1970 година, со два килограми хашиш залепени за телото, додека се обидувал да се качи на авион дома (полицијата всушност барала бомби; ова се случува во периодот на првиот бран на напади на патнички авиони).

Били Хејс поминал 5 години во затвор во Истанбул. Денес ја гледа претежно смешната страна на тоа искуство. Филмот е базиран токму на неговите мемоари од времето кога лежел во Турција, време во кое бил тепан, доживеал нервен слом, а на крајот и му ја зголемиле казната од 4 години на доживотно, баш кога му истекувала првичната. По пет години во затвор, Хејс се вдал во бегство, а не само што стигнал до слобода, туку и до солиден степен на слава.

„Да излезеш од затвор, не е лесно. Претходно работно место? Осуденик. Тоа не ти носи многу понуди за работа. Па обично не им кажуваш на луѓето, но јас го немав тој избор. Секој во светот знаеше дека сум избеган осуденик и криумчар на дрога. Ама се исплатеше, на многу начини“.

„Го препорачуваш ли тоа како животен и кариерен пат?“, го прашува новинарот на The Sydney Herald Morning.

„Се разбира“, вели Хејс. „Препорачувам да те уапсат, да одиш во затвор, да избегаш и да напишеш книга. Другото е погубно“.

Кога е посериозен, вели дека тоа е „најдоброто и најлошото нешто што некогаш му се случило“.

„Ми требаше да одам во затвор“, инсистира тој. „Научив кој сум. Пораснав.“

Оттогаш има зборувано пред многу средношколци и студенти, а неговиот главен совет е: „Прави што ти се прави – и знај што правиш. Преземи одговорност за своите дела, бидејќи мораш да живееш со последиците“.

Како жесток поборник за легализација на дрогата, Хејс не се кае за ништо од неговите криминални дела. „Шверцував дрога. Јас сум од 60-тите. Не мислам дека луѓето треба да ги апсат за тоа. Не ставајте луѓе во затвор – научете ги децата околу тоа“.

Во филмот, како и во книгата, го фаќаат при првиот обид за шверц. Во реалноста, тоа било негов четврти пат. „Не ме фалат за моите успешни шверцови“, вели на шега. Кога на адвокатот му соопштил дека планира да напише книга и за неговите успешни обиди, адвокатот го прашал: „Ти нормален си?“.

Во филмот има и пар невистини, кои навистина му пречат. Не излегол од предната врата на затворот, туку исползил надвор и лазел додека стигне на безбедно. Никогаш не го убил ни стражарот (некој друг го убил). И никако не го испцул судијата кој му ги соопштил лошите вести за неговата продолжена казна – сцена која, вели Хејс, довела до 95% пад на туризмот во Турција, а го направила најомразениот човек во земјата.

„Тоа е Оливер Стоунд“, вели тој. „Го сакам Оливер, но тој беше млад лут човек, и мислам дека тоа се провлече во сценариото… Оливер ми ги стави во уста зборовите ’Вие сте свињи од народ, ќе ви ги е*ам синовите, ќе ви ги е*ам ќерките’… Јас не го реков тоа, јас реков ’Ви простувам’. Но тие ги слушнаа само зборовите на Оливер“.

Во видеово, Хејс објаснува што и како се случило, во детали.

 

- Реклама -