Пишува: Вангел Ноневски
Оваа фотографија, која послужи како основа за корицата на албумот во живо Transmarginal Beverly Hills, на триото Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски, е дело на Ѓорче Ставрески. Фотографијата е специјално обработена за да ја долови атмосферата на албумот.
Приказната оди вака. – Зафир Шуманов од Џези ни ја прати мене и на Филип грубата, нерафинирана, несеквенцирана и немастерирана верзија на концертот снимен во Џези на 27 мај 2023 година. Откако ја преслушав двапати и заклучив дека би било грев концертот да не се издаде во форма на албум, го контактирав Филип и тој, по неколку недели чепкање, ми ја прати конечната (микс и мастер) верзија на албумот кој е сега поставен на Бендкемп. Бидејќи ни се виде како албум кој како да е заталкан во пренатрупаните ходници на ECM (барем така си ги замислувам), решивме да не го чекаме Манфред Ајхер да го издаде, туку тоа да го сториме ние самите.
Набргу ми текна дека тагата која преовладува во звукот на албумот најсоодветно може да ја илустрира Ѓорче, кој веќе долги години, меѓу другото, фотографира урбани пејзажи во состојба на распад и/или заборав. Го прашав дали сака да се нафати како дизајнер; ми рече: „прати ми го албумот да го чујам“. Му го пратив. Го преслушал. Набргу потоа ми вели: „Оваа меланхолија ептен ми одговара. Ќе направиме нешто.“ Изборот падна на фотографијата која е пред вас. Само што, Ѓорче се потруди технички да ја доработи/изманипулира, за што поглатко да се стопи со мрачните ноти кои преовладуваат на албумот. И потоа направи фасцинантна корица!
Инаку, оние кои го гледале неговиот последен краток игран филм Дали си маж? ќе забележат дека оваа фотографија како да е пресликана од последната сцена во филмот. Сепак, не е така. Фотографијата датира неколку години пред филмот и послужила како инспирација за локацијата во последната сцена.
А сега малку за филмот. – Во основа, тој се занимава со темата на перпетуирање на стереотипот за она што значи да си маж на Балканот, можеби и пошироко; а истовремено и со темата на иницијација во светот на машкоста преку извршување на ѓоамити храбра, а всушност, банална и бесмислена задача-предзвик. Главниот лик, малиот син на една самохрана мајка, станува жртва на алкохолизираниот сопруг на нејзината пријателка, кои се заедно дојдени кај неа на гости. Тој малициозно го користи хендикепот на малото дете, кое нема татковски лик (father-figure) во неговиот живот, и му поставува предизвик: му ја дава својата запалка и му вели да ја однесе неколку блокови подалеку, под фамозниот мост од фотографијата и да ја стави на 11-тата скала од скалилата кои водат директно во Вардар. Потоа, доколку детето го стори тоа, тие двајцата заедно ќе се врателе таму по запалката, со што ќе се „докажело“ дека детето станало маж.
Детето го прифаќа предизвикот и излегува од станот (претпоставуваме доцна) во ноќта. На патот кон мостот се соочува со настани кои не треба да ги сведочи непридружуван на таа возраст: звуци на домашно насилство од соседството, еден пар наркомани кои се во очајна потрага по кокаин, тинејџер-деликвент кој му вели на детето дека од татковци нема никакво фајде, зашто и тој самиот израснал без татко исл. Детето е уплашено, но сепак, ја извршува задачата, а кога ќе се врати дома, ќе го најде сопругот на пријателката на мајка му во уште поалкохолизирана состојба. Во меѓувреме, човекот сосем заборавил на глупавиот предизвик кој му го поставил на детето. А детето, пак, по препорака на тинејџерот-деликвент, ја крева раката за да му удри шамар на пијаницата, додека мајката и пријателката разговараат во кујната, ама во последен момент се предомислува. Потоа, неговата сопруга влегува во дневната соба и, заедно со мајката го изнесуваат пијаниот сопруг надвор од станот.
Ако треба да користиш насилство и да извршуваш бесмислени предизвици, за да докажеш дека си маж, тогаш таквата мажественост е последното нешто што нам на овие простори ни треба. Така јас го разбирам филмот на Ѓорче.
Она што е интересно е дека во филмот нема филмска музика. Несмасно и несоодветно би било да кажам дека делови од албумот Transmarginal Beverly Hills би можеле да се искористат како звучна подлога за некои сцени во филмот. Едноставно нема да може да легнат. Во сцените кај што има тензија и тмурна атмосфера многу подобро би се вклопиле некои теми на Пјеро Пичиони, Лало Шифрин, Пјеро Умилиани, па дури можеби и Херби Хенкок. Начинот на кој музиката од овој албум може да се поврзе со филмот е чувството отпосле: низ рекапитулацијата на впечатоците од него.
И повторно, слично како што стои во придружниот текст за албумот, оваа музика може да ја претставува тагата и гневот на сознанието дека децата, за да израснат во „вистински мажи“ на Балканот, треба да прифаќаат глупави предизвици, кои само ќе ги наведуваат да имаат силеџијски однос кон себе самите и својата околина. (Такви практики на иницијација во светот на „мажественоста“ има, на пример, при влегувањето во редот на мафијата Камора: деца облекуваат челичен елек, по што некој бос ќе пукне со пиштол во нив. Откако ќе го преживеат тоа, тие деца стануваат членови на Камора.) Во тој контекст, мажите треба што е можно повеќе да се обесчувстват во однос на другите, за да израснат во „силни“ личности; личности, кои, на пример, нема да сакаат да зборуваат за своите чувства (зашто тоа прават пички и педери), туку ќе ги слушаат само своите анимални инстинкти. Таквиот „убиј или ќе бидеш убиен“ однос кон другите и средината околу себе е, всушност, главното мото на забрефтаниот неолиберален капитализам, така што, овој филм може да се толкува и низ таков поширок ракурс. – Да грабаш и да туркаш сѐ пред себе значи дека си израснал на тој начин што постојано си требал да ја докажуваш својата машкост.
Во тој поглед, песимизмот кој преовладува во првата тема на албумот, “Transmarginal” може да биде саундтрак на овие впечатоци, по одгледувањето на филмот. Втората, малку пооптимистична тема, “Beverly Hills”, може да се слуша како музички одраз од крајот на филмот, кога двете млади жени го изнесуваат испијанетиот и беспомошен маж надвор од станот. Лажната мажественост тука бива целосно демистифицирана од страна на две … жени. Да се биде таков маж како сопругот во филмот испаѓа дека значи да се биде губитник. Според тоа, да, веројатно кај жените, во нивниот светоглед треба да се бара таа трошка надеж која може да се насети/начуе во “Beverly Hills”.